Македонскиот дипломатски синдикат реагира на висината на регресот, што вработените во МНР го добиле а изнесува 9.000 денари. Оттаму бараат одговор од министерот Османи по кој критериум се исплатени парите.
„Принудени сме да се обратиме до јавноста, бидејќи министерот Османи продолжува со старата пракса на игнорирање на прашањата на вработените, искажувајќи целосно непочитување за нивниот интегритет и дигнитет.
Пред десетина дена МДС интерно упати прашање до министерот Османи на кој начин и по кој критериум во последните денови на минатата година беа исплатени 9.000 денари на име на К-15. Согласно законската регулатива и колективните договори, регресот К-15 треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечниот личен доход во државата. Во септември и октомври минатата година, просечната плата изнесуваше повеќе од 32.500 денари, што значи дека требале да бидат најмалку 13.000 денари.
Јавно бараме одговор од министерот Османи зошто и со кое право МНР брцна во џебовите на вработените и од секој вработен одзема најмалку 4000 денари?
Кој ќе понесе одговорност за неовластеното одземање срества што им припаѓаат на вработените? Потсетуваме дека просечната плата во МНР последните десетини години не е сменета од 27.000 денари, која во меѓувреме инфлацијата ја има преполовено како куповна моќ“, појаснуваат од Синдикатот.