Македонската туристичка понуда, со сите свои елементи како култура, историја и природа за прв пат се претставуваат пред унгарските туристи, во рамки на големиот Саем за туризам што од 3-ти до 6-ти овој месец се одржува во главниот град Будимпешта.
Според информациите од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, саемот за туризам во Унгарија се одржува со поддршка на кинеските власти, со учество на голем број кинески тур-оператори заинтересирани за кружни тури на Балканот.
За време на саемот била одржана и бизнис-работилница преку која македонските туристички субјекти оствариле средби со неколку кинески туроператори како „Leo Vacations“, „Oases Travel“, „Tour Nasdaq“, „Beijing Youth Travel Service“ и „China International Travel Service“. Од унгарските тур-оператори посебен интерес за таков вид туризам пројавиле агенциите „Robinson Travel“, „Theo Tours“, „Caterina Travel“, „Chemol Travel“ и „Union Travel Agency“.
Амбасадорот на Република Македонија во Унгарија Игор Есмеров задоволен од претставувањето на нашата туристичка понуда пред унгарскиот пазар.
– Ова претставување е одлична можност за промоција на Македонија како дестинација за туризам на европската мапа. Посебна шанса претставува и промоцијата на Македонија пред кинеските туроператори, изјави амбасадорот на Република Македонија во Унгарија.
На саемот во Будимпешта остварени биле и повеќе состаноци со претставници на националните туристички организации на Србија, Војводина, Словенија, Хрватска, Албанија и Министерството за економија на Унгарија – сектор за туризам, на кои била нагласена потребата од заедничка соработка на балканските земји со цел претставување на трети пазари и привлекување на туристи од подалечните земји на балкански кружни тури во кои секоја земја ќе заземе посебно место.
Саемот за туризам во Унгарија се очекува да го посетат повеќе од 40 илјади потенцијални партнери.