Македонска пошта заглавена во среден век – пратки се делат рачно, доцнат со месеци, нема начин да спречи измами со пратки

Од:

Граѓани на Србија и на Македонија минатата година беа мета на измами со СМС пораки за пристигнати пратки. Голем број граѓани подлегнаа на измамата, бидејќи речиси секој втор македонец нарачува преку интернет.

Во јануари 2024, повеќе медиуми известија за измамата преку лажни СМС пораки, како и дека стотици граѓани биле цел на оваа интернет измама.

АД „Пошта на Северна Македонија“ јавно предупреди за „Лажни информации и злоупотреба на името на Пошта на Северна Македонија“ укажувајќи дека „граѓаните добиваат пораки на телефон со невистинита содржина“. Претходно, на 27 ноември 2023 година Поштата предупреди за истиот тип смс-пораки. Од пошта ги информираа граѓаните дека единствено известување за пратки пошта го испраќа со достава на картончиња во сандачето со кое ве известува да ја подигнете пратката.

И додека Македонија се уште се занимава со картончиња и достава до сандаче, сите земји во регионот го модернизираа системот за пратки. Последна на листата е Србија.

Пошта Србија од април повеќе нема да праќа СМС и мејлови, туку воведува нова бесплатна апликација која на корисниците ќе им овозможи полесен и побрз пристап до поштенските услуги, но со која ќе се избегнат можните измами. Сите оние кои до вчера се обидуваа да ги измамат граѓаните, испраќајќи пораки на име на пошта, веќе нема да можат да праќаат СМС, велат од „Пошта Србија“.

Апликацијата ќе ја централизира регистрацијата и идентификацијата на корисниците, обезбедувајќи единствена корисничка сметка која на корисниците ќе им овозможи полесен и побрз пристап до поштенските услуги. Корисниците, покрај постојните опции за закажување курири, следење на пратки и калкулатори на цени, со оваа апликација ќе ги избегнат измамите на кои биле изложени во минатото преку СМС пораки и Вибер, велат од Пошта Србија.

Во Македонија се чини се уште сме во ерата на „гулаби писмоносци“.

„Единствено и официјално известување за достава на пратки го вршат нашите пошторазнесувачи. “ ,велат од Македонска Пошта.

На официјалниот сајт на пошта има систем за следење на пратките но наведено е дека: “ Пратката се отпрема до одредишната пошта која е надлежна за достава. Системот евидентира и оставање на известие за пристигната пратка при неуспешен обид за достава и понатаму следење на пратката до испорачување односно враќање назад на приемна пошта во случај истата да не е подигната во законски пропишаниот рок за чување.“

Според информациите кои ги имаме минатата година имало понуда од црногорска компанија да инсталира апликација слична како во Србија и кај нас. Биле во македонската пошта, презентирале, но Македонска Пошта не пројавила интерес и не ја набавила апликацијата.

Постојат неколку апликации за следење на пратки и во Македонија, но тие се производ или на физички лица или на приватни компании и ги користат достапните информации од сајтот на пошта или другите доставувачи.

Во Македонија постои проблем и со доцнење на пратките, а оние кои нарачале преку интернет велат дека пратките ги чекаат по неколку месеци, ако воопшто и пристигнат.

Проблемот е што македонска пошта во 2024 година се уште нема автоматизирана така наречена „Сортирка на пратки“, односно кај нас уште рачно се делат пратките, додека секаде во регионот има автоматизирани сортирки за брза распределба и брза достава. Рачното сортирање на пристигнатите пратки кај нас е и една од причините што пратките доцнат со месеци. Посебно граѓани кои нарачале од Али експрес или слични сајтови се жалат дека пратките не им пристигнуваат или им пристигнуваат со задоцнување од неколку месеци.

Проблем е што автоматизирана сортирка чини повеќе пари, а Македонска пошта веќе некое време мака мачи со финансии. Штрајкуваа и вработените барајќи редовна исплата на нивните плати.

Пред Поштата во Скопје неодамна беше поставена и скулптура на полжав, како дел од герила акцијата насловена „Поштата е брза, само споро стигнува“ на Центарот за современи уметности. Организаторите посочија дека со ваквата акција, сакаат да го потенцираат проблемот со брзината на испорачување на пратките.

На поставената фигура, дополнително пишува „Поддршка на синдикатот на вработените во Поштата на Северна Македонија во нивната борба за креирање функционално јавно претпријатие кое ќе ги задоволува потребите на граѓаните“.

Би можело да ве интересира

Измамник од Тетово зел автомобил од познаник и го продал

Измамема жена од Велес, останала без 600 евра

Македонска пошта тоне во загуби и долгови, а директорите лани си ги зголемиле платите

Катерина Ѓуровски

Скопјанец му дал 50.000 денари на лице кое лажно се претставило дека работи во МВР

Измамник не платил за нарачаниот градежен материјал

Тетовчанец со лажни документи го прогласиле за починат и му го зеле имотот