Со средства од Европската унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка, Македонска Каменица ќе набавува современа ИТ опрема за доопремување на новиот Дом на културата.
Како што изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски, средствата во висина од 50.000 евра се резултат на соработката со општина Белица од соседна Бугарија и новиот проект на двете општини „Реставрација на објекти од историско и културно значење и заштита на материјални и нематеријални културни наследства во Белица и Македонска Каменица“.
– Македонска Каменица и КИЦ „Романса“ добија уште еден проект од низата проекти кои се финансирани од ИПА програмата за прекугранична соработка. Потпишан е договор меѓу КИЦ „Романса“ и Општина Белица заедно со Министерството за регионален развој во Бугарија. Со овој проект ќе биде набавена целосна ИТ опрема за потребите на гратската библиотека која има веќе современи простории во новиот Дом на културата. Исто така ќе се набави опрема и за кино- салата. Средствата од три милиони денари се целосен грант и кој е добиен благодарене на успешната апликација и одличната техничка документација, истакна Митевски.
Тој изрази надеж дека тенденцијата на успешно реализирани проекти од ИПА фондовите ќе продолжи и понатаму.
– Нашата општина е лидер во регионот по реализирани преокти и искористување на средствата од ИПА. Во партнерство со Општина Белица досега Македонска Каменица преку ИПА програмата за прекугранична соработка релаизирала проекти во вредност од над половина милион евра. Европски пари се искористени за Физибилити студијата за развој на ски-туризам на Осоговските планини, за реконструкција на манастирско-туристички комлпекс Еленец и локалниот пат до локалитетот во должина од 1,3 км, за уредување на народната кујна и набавка на возило, како и изработка на техничка документација за изградба на новиот Дом на култура, истакна Митевски.