Македонка во Италија за коронавирусот: Повеќе се плашам за моите љубени во Скопје отколку за себе

Од:

Она што го преживуваат граѓаните на Италија, денеска почна да се преживува и кај нас – првиот случај на коронавирус кој и покрај смирувачките пораки од властите, сепак предизвикува панични реакции.

Биљана Дудева од Скопје во Италија живее речиси четири години, од кои последнава во Равена, во областа Емилија – Ромања. Ја замоливме за „А1он“ да напише еден вид дневник, за тоа какви се реакциите на граѓаните таму, како известуваат медиумите за коронавирусот, каква е ситуацијата сега, како тече животот.

Добивме едно искрено писание полно со емоции, загриженост, но и со оптимизам и со порака до сите во земјава, кое го пренесуваме во целост.

26/02/2020

Равена, Емилија- Ромања

Италија

Утрово се разбудив пред алармот, последниве денови не спијам добро т.е не спијам воопшто. Си велам: “доста се вртиш ко центрифуга во кревет,станувај, доста е!” – Израдувај го еднаш момчето ти, нека замириса на кафе, стопли го колачот од вчера и направи смути, за убаво и енергично да тргне денот!

Срипав од кревет, отворив ролетна, денес небото плаво без облаче, ќе биде убав ден денес, знам. Свесно го изигнорирав телевизорот, отворив врата, прозорци нека влегува воздух, свежина… Денот си почнува со својот ритам, поминаа двата автобуси, комшиката до мене ја тресна повторно вратата, се си тече по својот тек, секојдневен.

Но, нешто ми фали, нешто ми недостасува знам да, џагорот (го обожавам зборов) на дечињата, тинејџерите, плачот на бебчињата што во “нормални ” денови ме иритира, ха, која лудост!!! Живеам во зона опколена со основно училиште и две градинки, полно е од деца и деновиве ми фалат, се надевам скоро ќе ги слушнам и будам со нив.

Ете го мојов станува, јас пресреќна ќе го испратам на работа со сите салтанати, ко што треба, нели. Ми вика што ти е ма стана пред мене, чудна си некако, од вчера до денес утрово која промена, мора си велам мора промена…

Едвај чекам деновиве да замине на работа и да го побарам околу 9 часот и да ми каже каква е ситуацијата т.е колку температура му измериле со инфрацрвениот дигитален термометар (мавтам сеа со главата и се смеам). Часот 9, ѕвонам, овој како од топ ми кажува колку му е температурата и ми вели: -Basta, ова е последен пат, смири се Биби…. Да, да готово последен пат нема веќе знам дека се е во ред, па и да биде поинаку што можам да сменам!!! Ми дава некој мир дека нема „ништо” во него, со тоа сум мирна и за себе, значи сме океј.

Што е тоа „ништо” што име не сакам да му споменам, не сакам, поубаво ми е да не го мислам, се разболев од грижи, доста е!!! Ништото се вика коронавирус по ново КОНВИД-19….

Природно ми дојде сега да се фатам за далечинското и да му посакам добро утро и на вирусов, ха, добро утро коронавирус попопуларен си од Морган (скандал од Сан Ремо). На сите утрински програми главна тема си, па така треба и да биде, велам!

Доктори, новинари, мисленици,политичари, бројки, резултати, заболени, починати, тампон зони, црвени зони, пунктови, телефонски броеви и ние засегнатите од другата страна!!! На што да веруваме, на која нова вест, која вест е правилна, која е лажната, милиони прашања и одговори секако… Сите велат да бидеме мирни!!!

Кога ќе се вратам десетина дена назад, како гром од ведро небо не спопадна вирусот! Мислевме дека никогаш не би можел да дојде до нас, но ете ни пристигна со брзина на светлината т.е од пациентот 0.

И… Паника, ќе се умира, што сега ќе правиме, народот излуден, побудален, маркетите за еден час се испразнија, маски за лек нема, гел исто така, со еден збор лудило! Да се имало резерви, резерви за што? Ова е епидемија, зошто треба да наликува вака како да сме на праг пред војна! Италија е развиена земја, верувам во способноста во услугите, какви и да се!

По овој момент, почнав да верувам во сите сектори во Италија, што не беше случај до сега! Од брзината правилно да реагира и да се справи моменталната ситуација, се воведоа специјални броеви за повик ако ги чувствувате симптомите на коронавирусот за да реагираат на време, поставуваат тампон шатори, со цел да се заштитат граѓаните и постојано апелираат да останеме смирени и во случај на коронавирус како да реагираме…. Многу е битно да се знае и да ни влезе во глава дека е многу мал процентот на смртни случаеви од коронавирусот, сите тие што починале (нека почиваат во мир) веќе имале некоја хронична болест или канцер.

Си го повторувам постојано тоа дека ќе биде се во ред, бројките да растат, може наредниот час во една од бројките ќе бидам и јас. Во секој момент состојбата се менува, од регион во регион од Ломбардија до југ, не се знае не ни можеш да ги пратиш, а искрено не ни сакам! Девојкиве мои од Бергамо, Џенова, Рим во секојдневна паника,психоза, демек јас најхрабра, ќе ги смирувам. Можеби сум мирна затоа што досега во Равена немаме случај, но не мора да значи дека ќе биде така.

Но, денес, денот беше поинаков, жив, радосен, дури и програмите по телевизиите си продолжија по својот терк на работа, што не беше случај овие денови, тоа влева надеж.

И така, си велиш, што биде нека биде. Животот продолжува и сонцето светеше денес, мајки со дечиња си шеткаа во паркот, а јас храбро се возев во јавен превоз, маска никој на себе немаше, дедовците се вратија во баровите и бабите по маркетите,а и убаво се јаде по рестораните. Животот се враќа во нормала по десет дена или едноставно ја прифативме ситуацијата. Најубавата вест што ја видов денес на програма во директно, дека животот се враќа во Котигоњо од каде што вирусот почна, но се се уште во тотална изолација, но се на улица и на плоштадот. Убав ден секако, но на некои вести не можеш да останеш имуна, е како бе вака?

Веста е дека Италијаните и жителите на Италија не се добродојдени скоро во сите земји, како и во Македонија…жално дечки, многу жално! Не е во ред, не го сакавме и ние ова, не сакаме да не дожививате како заразни или потенцијална смрт.

Мора само да прифатите дека може да се случи се, како и за се во животот – барем јас така си се тешам. Но баталете не нас непосакуваните, си велам, ние веќе го имаме и живееме со него.

Но, што сега, кога коронава пристигна кај нас/вас? Мислава буквално ми го разорува мозокот, што ќе се случува, како ќе реагираат здравствените установи и работници кога конвид-19 допатува во Македонија? –Дали се спремни, дали знаат како, дали се способни, дали имаат идеја…..уф, оваа мисла не ми дава да заспијам…

Јас на нашето здравство не му верувам, сакам да верувам во спротивното, но како? Јас повеќе се плашам за моите љубени во Македонија отколку за себе во Италија. Сакам да знам дали Македонија е спремна за ваков момент, ова прашање не ми дава мир! …..мисли, мисли, мисли….

Но, тоа е што е, јас само сакам еден совет (од мислител) до сите мои знајници и незнајници.

Психозата е пострашна од секој вирус и болест, мислите знаат да разболат! Ќе кажам само опуштено… но, внимавајте на хигиена и оставите  ги маските на тие што навистина имаат потреба, не бидете алчни да грабате по се!

Грижете се за вашата хигиена, миете постојано раце, пијте многу вода и ако имате имате јака кашлица со гушење во градите со висока температура посетете кај што ќе ви биде кажано, во друг случај уживајте во секој момент од животот, јас ќе ги чекам дечињата да се вратат во градинката и да се будам со нивниот џагор.

Ви салуто од преубавата Равена…. идам сега да се спремам и да дрмнам аперитиво со моите пријателчиња, велат тоа го убивало коронавирусот (шала другари). Останете ми во добро другари и чувајте се, а ние ќе се чуваме тука и веруваме дека оваа агонија ќе заврши набрзо!

И како пее Боб Марли: Baby Don’t worry about a thing ’cause every little thing’s gonna be alright!

Би можело да ве интересира

Се урна лифт во станбена зграда, повредени две жени и три деца во Палермо

Откриена е мафијашката мрежа Камора и Коза Ностра, една трага води до Балканот

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

ВИДЕО: Поплави, свлечишта, затворена железница и училишта во Италија

(ВИДЕО) Израел ги налути сојузниците: Престанете да пукате на силите на Обединетите нации

Катерина Ѓуровски