Македонија сè уште нема договор за руската вакцина произведена во српски „Торлак“

Од:

Здравствените власти сè уште немаат договор за набавка на руската вакцина „спутник В“ која се произведува во српскиот Институт за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“. По препораката трета доза вакцина да примат пациентите со хронични болести, оние кои се на дијализа и пациентите со трансплантирани органи, граѓаните повторно немаат избор и во земјава тоа може да го направат само со вакцината на компанијата „Фајзер“, без разлика од која компанија се првите две примени вакцини. Хронично болните се во недоумица бидејќи досегашните совети беа да не се мешаат различни вакцини, а вакцинираните со руската вакцина, бараат и третата доза, доколку е потребна да им биде од истиот производител.

Од Министерството за здравство на прашањето од „А1он“ дали македонските власти, согласно најавите, веќе имаат некаков договор за набавка на руската вакцина „спутник В“ од српскиот производител, кусо одговорија дека дополнително ќе информираат.

„Министерството за здравство ќе информира дали и кога би имало договор за набавка на руската вакцина од српскиот производител“, велат од Министерството.

Во април, годинава, кога српски „Торлак“ почна да ја произведува руската вакцина „спутник В“ министерот за здравство Венко Филипче извести дека Институтот ќе стане наш стратешки партнер за набавка на вакцини, доколку за нив има потреба.

Од нарачаните 200.000 дози „спутник В“ од Русија кај нас стигнаа само 6.000, иако до крајот на мај требаше да стигнат сите. Испораката ја закочи протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, настан за кој руското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе влијае на односите меѓу Русија и Македонија, а министерот Филипче и амбасадорот на Русија во Македонија, Сергеј Баздникин уверуваа дека тој настан нема да се одрази на набавката на вакцините.

Во Министерството за здравство немаат препорака третата, бустер, доза да биде руската вакцина, па затоа ја посочуваат само вакцината на „Фајзер“ за која имаат препопраки.

„Сè уште траат испитувањата за тоа каков ефект има третата доза врз создавање на отпор кон вирусот. Американската агенција ФДА има дадено препорака за трета доза на мРНА вакцина, достапна кај нас е Фајзер, кај имунокомпромитирани пациенти, како и пациенти коишто имаат трансплантации или пациенти коишто се на  дијализа. ЕМА (Европската агенција) сè уште ја нема дадено таа препорака. Ги очекуваме препораките, како од производителите, така и од големите клинички студии. Тоа што во овој момент го знаеме е дека трета, бустер доза со производителот ‘Фајзер’, значајно ја зголемува ефикасноста“, велат од Министерството за здравство.

Досегашните анализи покажале дека треба да поминат 6 месеци од втората доза за да се почне вакцинација со трета доза, а најнапред во таквите анализи и студии била компанијата „Фајзер“ со чии претставници министерот Филипче имал состанок на кој му било укажано дека официјално ќе објават студија во која ќе препорачаат трета доза за сите граѓани.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска