Македонија повторно меѓу најлошите земји за работничките права

Од:

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти дека земјава повторно е рангирана во групата држави со сериозни прекршувања на работничките права во најновиот Извештај за глобалните права на работниците за 2026 година на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC).

Според ССМ, Македонија е сместена во четвртата категорија од вкупно пет, која се однесува на земји со систематско прекршување на работничките права. Од синдикатот тврдат дека годинава во извештајот се нотирани дополнителни забелешки за состојбата со синдикалните слободи и правата на работниците.

Како еден од случаите наведени во извештајот, според ССМ, е посочено објавувањето снимки од приватниот живот на претседателот на синдикатот и неговото семејство по одржувањето на работнички протест во почетокот на годинава. Од ССМ оценуваат дека станува збор за притисок врз синдикалното движење и нарушување на правото на приватност.

Во соопштението се наведува и дека ITUC регистрирал појави на таканаречени „жолти синдикати“, за кои ССМ тврди дека се формирани под политичко влијание и дејствуваат во интерес на работодавачите, а не на работниците. Синдикатот посочува дека во извештајот се споменуваат случаи на притисоци врз синдикални членови, вклучително и отпуштања и обиди за поткопување на независното синдикално организирање.

Од ССМ тврдат дека од 2025 година тие и синдикатите здружени во конфедерацијата биле изложени на напади поради нивната кампања за зголемување на минималната плата и подобрување на работничките права.

„Големиот работнички протест“, што ССМ го организираше во јануари годинава во Скопје, исто така е споменат во извештајот како реакција на, како што велат од синдикатот, недоволното почитување на социјалниот дијалог и колективното договарање.

Од ССМ оценуваат дека извештајот претставува потврда за нивната синдикална активност и предупредуваат дека без итни промени постои ризик од дополнително влошување на состојбата со работничките права во земјата.

Во соопштението се потсетува и на посетата на генералниот секретар на ITUC, Лук Триангл, кој во март годинава престојуваше во Македонија и даде поддршка на синдикатот.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За Мицкоски, протестот на Синдикатите е „вообичаена активност за 1 мај“

„За плата се бориме, не се молиме“, работниците на првомајки протест

Првомајски протест на Синдикатите, посебен режим во Скопје

ССМ организира протест на 1 Мај, ги повика работниците масовно да излезат

Синдикалната минимална кошница за април 68.797 денари

Трендафилов: Повеќе од три години откако Дарко Димовски не е повеќе меѓу нас, водат постапки обидувајќи се да докажат дека тој не е претседател на ССМ