Македонија понуди на Србија транспортен хеликоптер МИ-17 опремен со екипаж со специјални единици кои го опслужуваат за да се помогне во насока на справување со поплавите, како и исппорачување електрична енергија. Македонија одлучи да додели и дополнителни квоти разни лекови пред се антибиотици и антипиретици, а со поголем број приватни компании се договараат пратки на вода кои би биле испратени во Србија или пак во Босна и Херцеговина кои деновиве ги зафатија поплави.
Ова попладнево го изјави портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев кој рече дека уште во текот на раните утрински часови најголемиот дел од помошта која вчера беше определена во рамки на поголем број конвои е веќе упатена кон Република Србија и кон Република Босна и Херцеговина.
Директорот на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски истакна дека анализирајќи ги потенцијалните опасности за нашиот систем така и на системот во целиот енергетски блок каде припаѓа и Република Македонија и да се излезе во помош и пресрет и за санирање на последиците од катастрофалната ситуација во Република Србија, а имајќи предвид дека е намалено производството на електрична енергија во нивните термоелектрани и потребата која е појавена за зголемено количенство електрична енергија во одредени региони, договорено е на Република Србија, на нивните компании од Електрани на Македонија во наредните денови да им се испорача електрична енергија во висина од 80 мегавати секој час.
– Во текот на вчерашниот и денешниот ден со колегите од Електростопанството на Република Србија и Електромрежа Србија се направија интензивни разговори во делот на техничките детали на состојбата што се случува таму. Секојдневно ќе бидеме во комуникација со нивните експерти за правење анализи и на состојба за да не се наруши целата стабилност на системот бидејќи знаеме дека тие се поврзани со електроенергетските системи на Унгарија, Романија и Бугарија и за секојдневно да имаме следење на ситуацијата, за да не се направат дополнителни штети, рече Бошковски.
Електрани на Македонија, посочи тој, во следниот период ќе почнат со работа и да произведуваат електрична енергија за потребите на Република Србија и за нејзините граѓани. – Се она што ќе биде потребно им стоиме на располагање. Во овој момент изразија потреба за ваква помош во количество на електрична енергија која им е најпотребна бидејќи имаат намалено производство од нивните електрани. Ќе ги следиме ситуациите и се што им е потребно од наши стручни екипи да излезат во пресрет и да им се помогне, додаде Бошковски.
Ѓорѓиев рече дека покрај помошта која Република Македонија ја упатила кон Република Србија и кон Босна и Херцеговина, дополнително Владата и владините институции направија анализи за дополнителен корпус на помош која би можела да биде понудена од страна на нашата земја, на централните и на локалните власти.
– Исто така понудивме до Европската цивилна заштита и до Република Србија и до Босна и Херцеговина дека во состојба на готовност се екипи на МЕПСО кои во евентуален случај на побарување од овие земји би се упатиле веднаш со намера да вршат поправки на електроенергетскиот систем онаму каде што има потреба и каде се соочува со предизвици, посочи Ѓорѓиев.
Покрај тоа, нагласи тој, и градските јавни претпријатија од градот Скопје и од останатите општини се во состојба на готовност евентуално да испратат свои тимови од делокругот на својата надлежност кои се задолжени да се справуваат со ваков вид ситуации во смисла на водоводни, комунални претпријатија, противпожарни екипи и сличен корпус на дејности.
– И понатаму ќе останеме во комуникација и со Европската цивилна заштита и со Република Србија и со Република Босна и Херцеговина и доколку биде побарано од нас определена помош која ние би можеле во еден брз временски период да ја овозможиме се разбира дека брзо ќе дејствуваме и ќе се обидеме со сите можни ресурси кои ни стојат на располагање да помогнеме да се ублажат овие последици или пак да се успее да се менаџира поефикасно со поплавите кои го загрозуваат имотот, безбедноста и здравјето на граѓаните на Република Србија и Република Босна и Херцеговина, рече Ѓорѓиев.
Додаде дека во текот на следните неколку часа се очекува да има нова телефонска комуникација меѓу премиерите на Република Македонија и на Република Србија, Никола Груевски и Александар Вучиќ околу дополнително утврдување на определени потреби и координација на помош.