Македонија не заостанува во интерветната кардиологија

Од:

Македонија не заостанува во интерветната кардиологија, туку во некои аспекти е многу понапред од западноевропските земји и САД. Од синоќа до 7 јуни во Скопје се одржува 5. Македонски конгрес по кардиологија со меѓународно учество, на кој присуствуваат 800 доктори од 26 земји, што го прави најголем кардиолошки конгрес досега организиран во земјата.

Директорот на Клиниката за кардиологија и претседател на Македонското кардиолошко друштво Сашко Кедев на денешната прес-конгференција изјави дека во однос на радијалниот пристап и морталитетот во Македонија е компатибилен дури и понизок од многу поискусни центри, но оти исто така е многу важна контролата на квалитетот во секоја болница.

– Контролата на квалитетот треба да биде ригорозна во секоја болница и надлежните институции мора да ги знаат тие податоци. Мора да се знае стапката на смртност во секоја болница, да се споредува и да се најде начинот ако е некаде повисока како да се интервенира. Ние го следиме светскиот тренд, изјави проф. Кедев.

Еминентниот американски лекар Самир Панчоли рече дека импресивно е тоа што  статусот на крдиолошка грижа во Македонија во многу нешта е подобра од поголем дел од земјите што ги посетува.

– Во Америка ние имаме друг систем, но споредбено зборувано, статусот на интерветната кардиологија во Македонија е речиси исто толку добар колку во развиените земји и во САД. Во земјата има многу високо ниво на кардиолошка грижа, изјави Панчоли.

Белгискиот кардиолог Винсент Дангоа истакна дека изгледите на македонската кардиологија се многу позитивни и добри бидејќи организацијата е на највисоко ниво и на интелектуален план и од етички аспект.

Во рамки на кардиолошкиот конгрес, претпладнето се одржа заедничка сесија на Македонското со Европското здружение на кардиолози. На оваа сесија беа презентирани најновите достигнувања во третманот на пациентите со акутен инфаркт на миокардот.

Проф. Кедев вели дека во Македонија, како и во други транзициски земји, има се повеќе помлади пациенти со коронарна артериска болест, но од друга страна сме сведоци на продолжување на животниот век, односно се соочуваме со поголем број на возрасни пациенти коишто порано не сме ги имале.

– Стапката на акутен миокарден инфаркт во Македонија и во земјите во транзиција за жал се уште е многу висока. Во САД и во Западна Европа има тренд на опаѓање на оваа стапка која што се должи на ригозорната превентивна политика, пред се во ригорозна контрола и намалување во стапката на пушење, намалување и контрола на ризичните фактори како што се покачениот крвен притисок, артериската хипертензија, дијабетот и здравиот начин на живот, вели проф. Кедев.

Кај нас, потенцира тој, има нов ризичен фактор што е поврзан со транзицискиот систем и тоа е карактеристично не само за кај нас, туку и за сите земји во транзиција.

– Основната карактеристика е спуштањето на возрасната граница на пациентите коишто добиваат акутен миокарден инфаркт. Ние во споредба со Западна Европа и САД имаме се повеќе помлади пациенти со коронарна артериска болест, но од друга страна сме сведоци на продолжување на животниот век, односно се соочуваме со поголем број на возрасни пациенти коишто порано не сме ги имале, изјави доктор Кедев.

Според него, зголемена е стапката на преживување што се должи на агресивната стратегија што ја применувавме во деведесетите години.

Професорот Кедев смета дека во Македонија треба многу да се подобрат неинвазивните односно превентивните мерки, односно ригорозна контрола на број еден факторот, а тоа е пушењето и драстично намалување, зголемување на контролата на ризичните фактори и тој го потенцира животниот стил.

– Тоа значи повеќе физичка активност, повеќе спортување, рекреација и да се внимава на соодветната диета, вели Кедев.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство