Македонија ќе добие прв ПЕТ центар

Од:

Центар за позитронска емисиона томографија – ПЕТ Центар ќе се гради во кругот на Градската општа болница „8 Септември“-Скопје. Договорот за изградба на ПЕТ Центарот денеска го потпишаа министерот за здравство Никола Тодоров и Франц Бургшталер, извршен директор на австриската компанија Страбаг АГ, која достави најприфатлива понуда на меѓународниот тендер за градба.

Министерот Тодоров рече дека со потпишување на Договорот за градба го означуваат завршувањето на проектанскиот дел од работата за имплементација на проектот за позитронска емисиона томографија-ПЕТ Центар во Република Македонија и почетокот на градбата на објектот. Тој истакна дека вредноста на договорот е 381.140.000 денари кои се обезбедени од Буџетот на Република Македонија, а рокот за завршување на работите е 16 месеци.

– Позитронска емисиона томографија (ПЕТ) претставува нуклеарно медицинска визуализациска техника со која се добива тродимензионално прикажување и мапирање на функционалните процеси во телото. Воедно, претставува нов чекор во евалуацијата на функционалните и малигните метаболни промени во организмот на пациентите, а се користи во областа на онкологијата, хематологијата, кардиологијата и неврологијата, а во поново време во детската патологија и при инфекции и инфламации со непознато потекло, посочи Тодоров.

Објектот, укажа министерот, е проектиран како современ здравствен објект во кој ќе биде вградена најсовремена опрема за радиофармација, радиопротекција и дијагностика.

– Целокупната изградба на објектот, како и процесот на производство и апликација во ПЕТ Центарот е во согласност со националните регулативи кои се целосно усогласени со ЕУ регулативата за радиофармација и ПЕТ дијагностика. Во меѓувреме, Министерството ќе организира обука на кадарот кој ќе работи во овој центар. Обуката ќе се спроведува во медицински центри низ Европа каде има примена на ПЕТ со цел до крајот на 2014 година да се обезбеди комплетен кадар од фармацевти, хемичари, дијагностичари, медицински и инженерски кадар едуциран да работи во ПЕТ Центарот, рече Тодоров.

Тој појасни дека опремувањето на ПЕТ Центарот се одвива во две фази-циклотронот и една ПЕТ-ЦТ камера се нарачани и се очекува да бидат доставени во втората половина на 2014 година, а Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) учествува со комплетирање на една производствена лабораторија.

– Почетокот на првото производство е планира за август 2015 година. Со изградба на Центарот првпат во Македонија ќе се произведуваат краткоживи радиоактивни изотопи и радиофармацевтски препарати со што државата ќе се вброи во земјите со високоразвиена фармацевтска технологија и медицинска дијагностика, додаде Тодоров.

Бургшталер рече дека компанијата со седиште во Виена, има 14 милијарди евра годишен опфат со повеќе од 70.000 вработени и е активна во сите видови градежен бизнис.

– Во 2007 година ја основавме нашата подружница во Скопје. Активни сме на македонскиот пазар. Ќе направиме да ги исполниме високите барања на инвеститорот и посакуваме одличен успех, додаде Бургшталер.

Стефано Боски, претставник на МААЕ рече дека тој ќе ја следи целата конструкција на проектот и ќе продолжи да врши континуирана едукација на персоналот кој ќе работи во ПЕТ Центарот. Овој проект, додаде Боски, е од витална важност не само за земјата, туку и за целиот регион.

– Се вели ПЕТ ЦТ или ПЕТ компјутер, тоа значи дека имате хибриден систем кој ви дава морфолошка промена, имате метаболна промена и во исто време може точно да го идентификувате и местото и промената која се наоѓа внатре. Затоа е многу важно да се следи терапијата. Тоа значи да се следи ефикасноста на терапијата и за рано дијагностицирање на многу болести меѓу кои првенствено ситно клеточниот карцином на белите дробови, додаде националниот координатор на проектот Емилија Јаневиќ-Ивановска.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство