Македонија ќе добие 23 милиони евра од ЕУ за истражување и иновации

Од:

Република Македонија ќе учествува во Рамковната програма за истражување и иновации “Хоризонт 2020” на Европската унија, за што во следните седум години на располагање ќе има 23 милиони евра за иновации и истражувања во рамки на науката, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Договорот за приклучување на нашата земја кон овој проект на Унијата, денеска во Брисел го потпишаа македонскиот министер за образование и наука, Абдулаќим Адеми и директорот на Генералниот директорат за истражување и иновации при Европската комисија, Јан Смитс.

По тој повод, министерот Адеми истакна дека овој договор на научно-истражувачките и бизнис-заедниците во Македонија ќе им обезбеди можност за поблиска соработка во постигнување на заедничките цели, а тоа во моментов е економско опоравување на Европа и надминување на најголемите проблеми што го загрижуваат европскиот народ.

– Овој договор за нашата земја претставува показател за сериозното партнерство во големото европско научно семејство. Соработката меѓу ЕУ и Македонија не е нова. Ние бевме успешен учесник во претходната седумгодишна Рамковна програма со повеќе од 100 финансирани проекти. Истражувачката заедница кај нас докажа дека е одличен партнер во многу значајни колаборативни проекти, особено во областите на информатичката и комуникациската технологија, енергијата, земјоделството и безбедноста на храната, посочи министерот Адеми во неговиот говор по потпишувањето на договорот.

Тој, исто така истакна дека македонските компании го зголемиле својот интерес за учество во програмата на ЕУ за истражување и иновации, бидејќи во неа успеале да најдат можност за соработка и подобрување на нивните иновативни и бизнис-активности и дека по тој повод очекува позитивен тренд во “Хоризонт 2020”.

Според Адеми, во изминатите две години, македонската Влада работела интензивно на креирање адекватни услови за истражување и иновации, притоа, усвоени се сите стратешки документи, закони и стратегии за иновации и истражување, како и Национална програма за високо образование и научно-истражувачки активности (2014-2017).

– Еден од поголемите владини проекти, вреден 60 милиони евра, е наменет за опремување на 189 лаборатории и во моментов тече четврта година од имплементацијата. Владата разви силна истражувачка средина каде взаемната соработка на јавниот и приватниот сектор ги движи иновациите од истражувачките лаборатории преку фабричките хали до широкиот пазар. Со овој договор, продолжуваме да ги здружуваме силите на европско ниво, поддржувајќи извонредност во истражувањето, рече министерот за образование и наука на Република Македонија.

По потпишувањето на договорот, министерот Адеми истакна дека Македонија ќе стори се да обезбеди успешна и плодна имплементација на истиот. Притоа, во изјава за МИА, тој рече дека ова е голем настан за Македонија и заради тоа што договорот го потпишаа и министрите од регионот и има и регионално значење.

Тој посочи дека документ што е потпишан денеска дава финансиска рмака за да можат да аплицираат и поединци, како и Универзитети, професори и научници, но и компании што имаат научна и истражувачка дејност во делот на иновациите, што ќе биде финансирано од ЕУ и со домашен придонес.

– Финансиската конструкција е 22.700.000 евра до 2020 година. Годинава Македонија ќе треба да придонесе со 10 проценти во сумата, што е според договорот. Секоја година македонскиот придонес ќе расте и до 2020 година ќе биде 60 проценти од предвидената сума за истата година. Се надевам дека ова ќе даде поттик кај нашите млади научници, рече Адеми во изјава за МИА.

“Хоризонт 2020” е најголемата програма на ЕУ за истражување и иновации од кога постои Унијата. Речиси 80 милијарди евра се достапни во седумте години од 2014 до 2020 година, како за јавните, така и за приватните претпријатија и институции.

Оваа програма се очекува да помогне да се достигне паметен, одржлив и инклузивен економски раст со цел да се осигура дека Европа ќе продуцира наука и технологија од светска класа, ќе поместува бариери во иновациите и ќе овозможи полесна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор во испораката на решенија на големите предизвици со кои се соочува општеството.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески