Учеството на АРМ во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, како и можностите за меѓусебна воена соработка беа тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу началниците на генералштабовите (ГШ) на армиите на Република Македонија и Словачката Република, генерал-потполковник Методија Величковски и генерал Милан Максим.
На средбата, информираат од Министерството за одбрана, акцент беше даден на продлабочување и интензивирање на билатералната армиска соработка преку учество на заеднички воени вежби и курсеви, како и понуда за користење на капацитетите со кои располагаат армиите на двете земји.
За време на престојот во Генералштабот, генералот Максим, кој заедно со делегација на Вооружените сили (ВС) на Словачка се наоѓа во дводневна официјална посета на Република Македонија и АРМ, се сретна и со министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Во текот на утрешниот ден генералот Максим ќе биде примен и од претседателот Ѓорѓе Иванов, а делегацијата ќе ги посети Центарот за обука на пилоти и реонот на караулата Богородица на македонско-грчката граница, каде ќе се запознаат со активностите кои единиците на АРМ ги извршуваат за поддршка на единиците на МВР при справувањето со предизвиците од мигрантската криза.