Македонско – косовската заедничка комисија во областа на заштита на животната средина и просторното планирање денеска имаше средба во Скопје во рамки на проектот за заштита на реката Лепенец преку интегрирано управување со водни ресурси.
Целта на проектот е да се подигне свеста околу прашањата на заедничкото управување со водни ресурси во прекуграничните подрачја, важноста на прекугранината соработка и дијалогот во процесот на интегрирано управување со заедничките водни ресурси.
На средбата беше формирана заедничка Експертска група за води и се дефинираа насоките за понатамошните активности. Нивна задача е да дадат свое видување при изработката на содржина на план за интегрирано управување со речниот слив на реката Лепенец.
Вкупната сума на проектот е 54.616 евра, финансиран од Република Финска и се спроведува во рамки на Иницијативата за безбедност во животната средина ENVSEC, како дел од програмата „Трансформирање на ризиците по животната средина и безбедноста во соработка во регионот на Југоисточна Европа, 2009-2013 година“.
Со реализација на проектот, се очекува зголемување на свеста кај локалното население, кое живее по течението на реката Лепенец за важноста на процесот, кој обезбедува активно учество на јавноста во донесувањето на одлуки од областа на животната средина.
Проектот треба да се реализира до крајот на 2014 година, и ќе придонесе за успешно отпочнување на активностите во однос на интегрираното управување со водните ресурси.