Улогата на т.н. „човечки капитал“ во рамки на иницијативата за меѓународен економски развој „Еден појас, еден пат“ ќе биде во фокусот на третата Меѓународна конференција на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, што на 6 и 7 октомври ќе се одржи во Охрид, а на која ќе има учесници од 15 држави од четири континенти.
Професори од универзитети од САД, Кина, Македонија, Австралија, Полска, Романија, Индија, Словенија, Катар, Унгарија, Србија, Англија… ќе дебатираат за бенифитеите од иницијативата, а ќе бидат претставени истражувања за областите: економија, Централна и Источна Европа и Кина, и јазикот и културата.
– Иницијативата е особено важна за регионалната соработка и развојот преку трговската размена, инвестиците и инфраструктурата, оценија денеска организаторите на конференцијата, институтите „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот Љубљана, Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду и Универзитетот за меѓународен бизнис и економија во Шангај.
Професор Матеј Рашковиќ од Економсккиот факултет при Универзитетот Љубљана, истакна дека со инцијативата, меѓу останатото, се поттикнува инвестирање во инфраструктурни проекти, што е особено важно за државите од Западен Балкан, кои се уште не се членки на ЕУ. Средствата што се добиваат за проектите, укажа, се со многу пониски камати отколку преку останатите инструменти.
– Во рамки на иницијативата е финансиран проектот за брза пруга од Будимпшета до Белград, а во пристаништето Пиреја во Грција има големи инвестиции од НР Кина. Ако погледнете географски Македонија е многу важен дел од таа инфраструктура, рече Рашковиќ на денешната средба со новинари.
Според професор Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет при УКИМ, Македонија во регионот добива најмногу од овој проект затоа што, како што вели, 27 години е заборавена од опкружувањето и маргинализарана со политичките граници.
– Нашиот часовник е запрен со поделбите од последните сто години. Едната стрелка е Коридорот осум, а другата е Коридорот десет. Со овој проект почнува да работат стрелките односно да функционира нашиот економски часовник како што било отсекогаш, рече Кекеновски.
Со проектот за пловниот пат Вардар – Морава – Дунав, кој чини 11,5 милијарди долари всушност се враќа геостратегиската важност и на регионот и на Македонија.
Во иницијативата „Еден појас-еден пат“, инициранана од кинескиот претседател Кси Џинпинг во 2013 година, земјите од Централна и Источна Европа се опфатени со посебен механизам 16 плус 1.