Македонија беше најголема жртва на Балканските војни

Од:

Македонија беше најголема жртва на Балканските војни, со кои беше спречено создавањето на посебна македонска држава бидејќи македонскиот народ беше на половина пат од изградување на сопствената национална свест. Денес, 100 години од нивното случување и покрај нивната присутност во видното поле на општествените науки тие се уште не се сметаат за затворена и доволна расветлена тема затоа што оставиле трајни последици што ги оптоваруваат меѓубалканските односи до денешни дни.

Ова го истакна претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски, во своето воведно излагање на тема „Од Балкански војни-до балкански мир:македонски аспекти“ со кое го отвори дводневниот научен собир „Сто години од Балканските војни“ што го организираат Македонската академија во соработка со Филозофскиот факултет и Институтот за национална историја – Скопје.

Според него завршницата на Балканските војни со поделбата на Македонија не донесе ни оддалеку траен мир, a непризнавањето на посебноста и националниот идентитет на македонскиот народ беше еден од изворите за континуирани судири помеѓу државите ученички во војната и силен извор на нивната внатрешна нестабилност. Осврнувајќи се на прашањето дали денес на Балканот сме на самиот крај на историјата, дали е воспоставена состојба на траен и стабилен мир академик Камбовски подвлекува дека не само на Балканот туку и Европа и светот се уште живеат во време на идеологијата на национализмот.

– Тоа несомнено упатува на заклучок дека нема траен мир ако не се оствари битен напредок во третирањето на прашањето за нацијата, национализмот и националната држава и приближување на стојалиштата на балканските општества во однос на тие прашања, рече Камбовски.

Траен мир, додава, не може да се обезбеди со војна ниту со какво било насилсно решение инспирирано од великодржавни и слични концепти кои се уште кружат над балканските простори. Решението го бара во развивање на балканските држави во рамки на идејата на мултикултурализмот и демократска политичка партиципација без територијални решенија за етничките проблеми и со почитување на демократските принципи на владеење, на патот кон ЕУ, а низ толеранција, без говор на омраза и потикнување нетрпеливост, за што додава, се потребни дополнителни напори.

Според академик Иван Катарџиев, организирањето на Балканските војни е поврзано со развојот на Македонија која трганала по својот пат, а е попречена од соседите Бугарија и Србија со тн. Балкански сојуз.

– Мотивите за војните доаѓаат до израз не за време на војните туку по нив и особено на Париската мировна конференција кога под притисок на Грција со Бугарија е потпишан договор за доброволна размена на населението, а за која Хашкиот трибунал во 1931 година дал мислење дека тоа е најхуманото решение бидејќи ги елиминирало меѓуетничките судири. Тоа значи наместо да ги решаваат своите проблеми по демократски пат, дискриминацијата на едно национално малцинство е најдобро решение за односите по оценката на Хашкиот суд, вели Катарџиев.

Историчарот академик Блаже Ристовски пак со коментар оти секоја од државите во регионот на свој начин ја одбележала 100 годишнината од Балканските војни.

– Некоја ја славеше победата зашто зела најголем, најзначаен дел од европска Турција. Друг жалеше што доби најмал дел од пленот. Третиот се фалеше со херојството при распадот на Турција, а потоа историски го загубил. Додека четвртиот еуфорично манифестира слава на територијата на најмалку три суверени држави и еден протекторат со претензии да сфати и четртатаа. А жртвата во таа 100-годишнина, Република Македонија што во нови историски околности само три децении подоцна извојува сопствена држава, последна ја одбележува својата трагична годишнина во историјата, рече Ристовски.

Собирот за „Сто години од Балканските војни“ ќе продолжи утре со две сесии.

Би можело да ве интересира

Почина академик Јордан Поп-Јорданов

Горан Наумовски

Попов: МАНУ има капацитет да ѝ помогне на државата во справувањето со тешките општествени појави

Горан Наумовски

Меџити: Со новата медицинска опрема во МАНУ резултатите готови за еден ден

Академик Живко Попов нов претседател на МАНУ

Промоција на монографијата „Газанфер Бајрам“

Ана Ололовска

Сè уште трае штрајкот на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ

Ана Ололовска