Подобрување на постоечката билатерална воена соработка во областа на обуката и военото образование, разгледување на можностите за нови облици на соработка преку изведување на заеднички активности, како и размена на искуства и користење на армиските капацитети со кои располагаат двете држави.
Ова беа темите на кои денеска разговарале началниците на генерал-штабовите на воените сили на Македонија и Албанија, генерал потполковник Методија Величковски и бригадниот генерал Бардил Колчаку, соопшти Министерството за одбрана.
Величковски во рамки на официјалната посета на Албанија денеска оствари средби на највисоко воено ниво во ГШ на вооружените сили и Министерството за одбрана на Република Албанија.
По средбата со Колчаку се одржа состанок меѓу делегацијата на АРМ и претставници од ГШ на албанската армија.
Македонската делегација имаше средба и со заменик на министерот за одбрана Петро Кочи.
Албанскиот заменик-министер ја потенцира целосната поддршка од Албанија за напорите на Македонија за целосно интегрирање во НАТО.
Генералот Величковски го истакна значењето на секој вид подршка, особено од партнерите од САД-Јадранската повелба (А3) со кои заеднички беше започната иницијатива за влез во НАТО, притоа искажувајќи ги очекувањата за скорешно придружување на Македонија кон партнерските земји како полноправна членка во Алијансата.
Вената делегација ја посети командата на поморските сили во Драч, каде покрај средбата со командантот, генерал мајор Јибер Догани беше запознаена и со мисијата, задачите и капацитетите на поморските сили на ВС на Албанија.
Претходниот ден делегацијата на АРМ оствари посета на македонската Амбасада во Тирана, каде оствари средба со вршителот на должноста амбасадор на Македонија во Албанија Атина Ничовска.