Иновативна идеја за џет-пек е првопласирана на хакатон натпреварот што се одржа од 22 до 24 овој месец во „Њу менс бизнис акселераторот“ во Скопје, како дел од глобалниот „Спејс апс челинџ“ натпревар на НАСА.
Првопласираниот македонски тим ќе се натпреварува за глобалната награда на НАСА, да присуствува на лансирање на ракета од нивниот спејс центар. Со проект за изработка на џет-пек понудија иновативно концепт решение за овој предизвик.
– Она што сакавме да го постигнеме е да направиме нешто поразлично од она што сите го замислуваат кога ќе се спомне џет-пек, односно употреба на горива за негова работа. Исто така сакавме да употребиме најнова и најдобра технологија за негова целосна изработка и колку што можеме повеќе да го користиме сонцето како извор на енергија за работа на нашиот уред, изјави Горан Јованоски, дел од првопласираниот тим.
Второпласираниот тим на предизвикот „Спејс рута 66“ креираа виртуелна реалност која што нѐ носи чекор поблиску до Кенеди спејс центарот.
– Развивме апликација од едукативен и рекреативен карактер, со која корисниците ќе можат да видат како изгледа Кенеди Спејс Цeнтарот денес и како ќе изгледа во наредните 50 години, појасни Стефан Таушанов.
Наградата „Избор на публиката“, пак, е во рацете на тимот кој го покри предизвикот „Не го уривај мојот дрон“ каде што се создаде апликација што дава спецификации за теренот и забранетите зони за летање.
– Главната цел на нашиот проект е да го поедноставиме начинот и контролата на летање на дроновите кои што се користат во домашни или некомерцијални услови. Под името „Не го уривај мојот дрон“, сакаме да и помогнеме на НАСА со тоа што ќе направиме апликација која автоматски ќе ги контролира сите параметри потребни за летање на дронот и на еден начин ќе му помогне на човекот кој го лета дронот полесно да се снајде во околината, изјави Филип Макрадули, учесник натпреварот.
Тимовите започнуваат со подготовките за глобалниот натпревар, каде што ќе се пласираат во една од категориите: „Најдобра употреба на податоци“, „Најдобра употреба на хардвер“, „Најдобар концепт на мисија“, „Галактички импакт“, „Најинспиративен проект“ и „Избор на публиката“. Имаат пет дена за да ги доразвијат своите решенија и да испратат кратко видео кое ќе го привлече вниманието на глобалните судии и ќе им донесе една од глобалните награди.
Најдобрите тимови ќе имаат можност да влезат во Европската програма за акцелерирање на проектите, која што ќе им помогне да ги реализираат своите проекти, а најдобрите шест ќе имаат можност да присуствуваат на лансирање ракета од седиштето на НАСА.