Мајката на повредениот до возачот: Посакувам совеста да ти ја гризе душата

Од:

Татјана Даова, мајка на повредениот кој беше прегазен на пешачкиот премин пред „Сити мол“, упати порака до 22-годишниот возач кој заврши во притвор. Даова, возачот го нарекува „убиец“, вели дека нема друг збор со кој може да му се обрати.

„Убиецу – Порака до тебе. Бидејќи немам друг збор со кој би ти се обратила, Јас мајка, на син кој за влакно ја избегна смртта а Викторија ја уби. Посакувам да ги видиш тие очи ширум отворени желни за живот, тоа убаво лице уништено до непрепознатливост а за тоа си виновен ти-убиецу. Посакувам совеста да ти ја гризе душата (ако ја имаш) а душата да ти гори во пеколот. А ти ангелу наш Викторија почивај во мир и рајските порти се отворени за тебе“, напиша Даова, мајка на повредениот.

Инаку, нејзиниот син помина со полесни повреди и за влакно се спаси и тој да биде прегазен. По несреќата, беше во шок, тешко контактибилен, а имаше и набиеници. Му биле дадени и средства за смирување, по што од вчера е на домашно лекување. Инаку, повредениот и беше момче на починатата Викторија Николова, со која заедно го поминувале пешачкиот премин.

Возачот Јордан Ѓ. со лисици на рацете беше однесен во притвор, поради опасност од бегство и влијание врз сведоци. На излез пред судските врати, скоро пет часа го чекаше неговото семејство. Откако излезе од судница, тие му дадоа јакна и неопходни работи, разговараа на кратко, по што полицијата го спроведе во комбето. Еден од членовите на семејството го испрати до полициската „марица“.

Изразил каење и признал вина. Ова е епилогот од трите распити на возачот Јордан Ѓ. кој ја усмрти 24-годишната Викторија Николова. Неговиот адвокат Душко Јанковиќ за „А1он“ посочи дека според субјективните проценки на осомничениот возач, тој возел со брзина од 40-45 километри на час, што е во границите на дозволената брзина. По несреќата, му се одземале нозете и рацете, што според адвокатот, било причина што не излегол да помогне.

Обвинителството веќе потврди дека семафорите на кои поминувала 24-годишната радовишанка која загина, во моментот не работеле. Возачот не застанал на обележаниот пешачки премин и со поголема брзина од пропишаната ја прегазил и усмртил. Тој не пружи ниту помош, односно не излезе од автомобилот по несреќата. Првиот момент кога го напушти возилото беше по 15 минути, кога дојдоа првите екипи на полицијата.

Момчето на починатата помина со набиеници на карлицата и тешки трауми. Од болницата каде беше прегледуван соопштија дека бил видно потресен од трагедијата. Сега, тој е на домашно лекување.

Обвинителството ги побара и снимките од надзорните камери, кои се околу пет на раскрсницата. Тие ќе помогнат да се утврди, што точно се случило вчера по 19 часот. Телото на Викторија е дадено на обдукција, по што ќе биде предадено на семејството. Кај возачот кој ја усмрти, направено е вештачење на примероци од урина и крв, од кои неофицијално, утврдено е дека нема траги на алкохол или дроги.

Возачот се гони за кривично дело тешки дела против безбедноста во сообраќајот, со смртни последици. Минималната казна според Кривичниот законик е четири години затворска казна.

Би можело да ве интересира

Таткото на загинатата Викторија до судиите: Ја убивте вие повеќе од убиецот, кого го направивте жртва

Кристијан Ландов

Апелација одлучи возачот кој ја прегази Викторија кај „Сити мол“ да лежи четири години затвор, наместо три

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Пијаница со 150 км/ч ми го уби детето, издржа казна четири години и излезе, каде јас да барам правда, праша мајка на протестот пред судот

Маја Илиевска-Пачемска

Вложена жалба на пресудата за тешката сообраќајна несреќа во скопски Карпош

Ана Ололовска

Сестрата на загинатата Викторија: Срамота за судот, имате ли барем грам човечност?

Кристијан Ландов

Протест пред Кривичен в петок, поради тригодишната казна за возачот кој ја усмрти Викторија

Кристијан Ландов