Жената која го усмрти пешакот кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје е мајката на 17 – годишната Јелена Филиповиќ од Куманово која загина во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство објави билборди „Возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена“, неофицијално дознава „А1он“. Полицајците кои работат на случајот велат дека вакво нешто некој и да сака, не може да изрежира.
„Иницијалите и идентитетот на возачот што го усмрти пешакот, 99 отсто се поклопуваат со мајката на Јелена“ , велат за „А1он“ извори од истрагата.
МВР официјално соопшти дека автомобил марка БМВ со кумановски регистарски таблички со кој управувала Г.Ф. (42) удрил во пешакот С.А. (76) кој го преминувал булеварот во непосредна близина на мостот „Гоце Делчев“.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид и презема дејствија за утврдување на фактите за сообраќајна несреќа.
Првичните сознанија упатуваат дека до несреќата дошло кога автомобил марка БМВ со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот.
Телото на починатиот е предадено за обдукција, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата.
Дежурниот јавен обвинител издаде наредба и за технички преглед на автомобилот.
Сообраќајката во која загина Јелена се случи пред две години. Возачот доби казна затвор од седум и пол години, а нејзиниот татко беше обвинет за нарачано трикратно убиство за одмазда на ќерката. Пред три месеци беше осквернавен гробот на Јелена, што родителите го сфатија како заплашување за нив, а полицијата извести дека гробот го отвориле крадци на злато.