Мајката на тригодишното девојче кое во март годинава беше претепано до смрт бара убијците на нејзиното дете да бидат во затвор додека се живи.
Садие Саитова присуствуваше на судскиот процес за смртта на малолетното девојче кој стартуваше во петокот, но беше одложен бидејќи адвокатката на обвинетите немала доволно искуство да брани во ваков сериозен процес.
Скршена од болка, мајката во малата судница се најде во близина на убиецот, кој го претепа до смрт нејзиното девојче оти се измокрило на тепих.
„Ништо не ми кажаа кога се вратив од работа, ми велат дека паднало девојчето по скали, само тоа ми кажаа. Не живеевме долго заедно. Не знаев дека ја тепаат и претходно, на син ми му беше страв да ми каже. Сега живеам кај мајка ми и татко ми и браќата, тие ми помагаат, ама многу е тешко. Од судот ќе барам обвинетите да бидат во затвор додека се живи“, изјави Саитова.
„Ова е трагичен настан, премногу е жално. Ќе бараме отштета, тоа секако, но во интерес на постапката не можам да давам повеќе детали за процесот“, изјави адвокатката на мајката на убиеното девојче, Мирјана Јосифовиќ.
Обвинетиот за убиството, Џемаил Браими, кој е во притвор и неговата невенчана сопруга Јасмина Махмуд, која ќе одговара за соизвршителство во петокот се појавија во судницата, но поради одложувањето на процесот не дадоа исказ и не објаснија зошто го убиле девојчето.
Обвинетиот за убиството нема државјанство, се води како странец со привремен престој во земјава, неписмен е, и е татко на четири деца. Пред 12 дена му се родило четвртото дете.
Судскиот процес беше одложен, бидејќи адвокатката на обвинетите, Светлана Тодоровска, немала пет години работно искуство, коешто, според новиот Кривичен законик е потребно кога му се суди на лице на кое му се заканува казна затвор од најмалку десет години до доживотен затвор.
Убиецот е во притвор додека неговата невенчана сопруга има забрана да го напушта Скопје и забрана да ги види своите две малолетни деца кои се згрижени во старателско семејство.
Двете семејства, кои биле соседи за време на убиството живееле заедно. Додека мајката била на работа, соседите го чувале убиеното девојче, Мевљана и нејзиниот постар брат. Девојчето се измокрило на тепихот, па Џемаил го претепал до смрт со електричен кабел.
Неколку години постариот брат на убиеното девојче и едно од децата на осомничените во својство на сведоци и во присуство на социјален работник на инспекторите им раскажале што виделе и чуле од страшната случка.
По трагедијата и’ се јавиле и и’ рекле дека девојчето паднало по скали, но резултатите од обдукцијата покажаа дека смртта кај малото девојче била насилна. Повредите покажувале дека девојчето било често тепано.
На неа имало модрици, крвавење, ѝ биле скршени ребрата од двете страни, а клучната коска на девојчето била скршена пред околу две седмици пред трагедијата.
Смртта настапила како последица на шок од целокупната комбинација на повреди.
Судскиот процес ќе продолжи на 12-ти декември.