Лустрацијата заврши: Не ја исправи историската неправда, туку предизвика друга

Од:

Сакајќи да исправиме една историска неправда направивме друга, но за тоа ќе судат генерациите после нас, рече независната пратеничка, Роза Топузова-Каревска на денешната собраниска расправа на која се разгледуваше престанок во примената на законот за лустрација.

Со престанокот на важење на Законот, се определува неговата примена да се стопира веднаш по изгласувањето, а Комисијата за верификација на фактите да работи до 1-ви септември оваа година. До тогаш Комисијата ќе може да ги процесуира веќе започнатите постапки за кои има донесено решенија, а да не покренува нови постапки. Дополнително со новиот закон е предвидено мерката која им забранува на лустрираните да вршат јавна функција да трае пет години од донесувањето на конечно решение.

Со тврдењето на Топузова-Каревска дека лустрацијата не ја исполнила својата функција, се сложи и пратеникот на ДУИ, Рафиз Алити. Законот и работата на Лустраторите ги одбранија само пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

-Се согласувам со делот на Роза дека лустрацијата во Македонија не е ниту почната. Само неколку функции се лустрирани и немаше никакви последици по нив. Целта на Законот беше и да се расветлат масакрите по војната во Прилеп, Тетово, Блаце. Да се дознае кој ги донесе тие одлуки. Илјадници Албанци се држани во затвор, еден дел беше ликвидиран по затворите. Со овој закон не успеавме да ги расветлиме имињата на оние што ги донеле одлуките. Ние како држава и земја треба да ги побараме досиејата од Белград за да се направи вистинска лустрација. Се додека не се направи тоа многу работи ќе останат отворени, им го должиме тоа на настраданите во комунизмот – рече Алити.

Топузова-Каревска потенцираше дека Комисијата застранила од својата цел и наместо да се концентирара на актуелните носители на јавни функции, лустрираше веќе починати.

-Наместо концентрација на овие што сега обавувуваат јавни функции, почнавте со оние кои одамна се починати. Сега кажувате дека нивното дело и понатаму ќе биде почитувано. Ама како ако дел од нив беа лустрирани со многу непрецизни и неодредени докази, а други за кои имаше поконкретни сознанија комисијата ги стави под тепих и воопшто не излегоа во јавноста – рече таа обраќајќи му се на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

-Со тоа се дозволи многу функционери да останат неказнети и да си останат на своите функции. Кодошите не биле само во левициата, тие имаат моќ на адаптација, многу брзо насетуваат која е победничка страна и брзо се приклучува. Тоа е нивна основна карактеристика. Затоа комисијата требаше неселективно да пристапува, без разлика кој на која партија припаѓа – порача пратеничката.

Законот не ја оправда својата цел, рече таа, и добро е што ќе престане да важи. Според Топузова-Каревска, Комисијата постапувала селективно и од причина што дел од кодошите се уште се на функции во МВР и во УБК.

Своето обраќање до пратениците, Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, го искористи да зборува за комунизмот и за рестриктивните методи на владеење во минатото. Тој неколку пати посочи дека системот на уредување кој заврши пред 25 години, е диктаторски, а дека ова денес е демократија по сите мерила и покрај честите обвинувања од опозицијата. Пратеничката Топузова-Каревска на тоа праша зошто осум минути од излагањето се посветува на систем и владител кои заминале во историјата пред три децении.

-Не можам да сфатам осум минути да се осврнете на одамна заминат систем. Тоа е минато, ајде да зборуваме за кралевите на Југославија ако не. Дајте ве молам, 35 години помина од тој период. Да зборуваме за она што е денес и денес што е негативно за да направиме нешто подобро за граѓаните, тоа што било поминало – му порача таа.

Според одредени истражувања, рече, дури 50 отсто од граѓаните во Македонија се уште носталгично гледаат на Југославија.

-Ако ги одземем Албанците, тоа значи дека и вашите гласачи жалат по тој систем. Ќе ги изгубите гласачите доколку зборувате така. Не беше потребно осум минути да потрошите за нешто што било порано – додаде таа.

Како што рече Ѓорчев, освртот на комунизмот е за да ја нападне СДСМ како наследник на комунистичката партија.

-Обраќањето беше поради СДСМ како статутарен наследник, наследникот на имотот на комунистичката партија. Обраќањето беше кон апологетите на комунистичкиот режим во Македонија кои велат дека сега има некаква диктатура, а дека не било диктатура кога претседателот на комунистичката партија имаше свои портрети во секое училиште, кога немаше ниту една приватна фабрика. Велат дека немало демократија денес кога ја кодошат Македонија кај странците – порача тој.

Предлот на закон за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување на вршење на јавна функција, пристап до документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, го помина првото читање во Собрание и за него гласаа сите 68 пратеници кои присуствуваа на седницата. Предлогот беше поднесен од Илија Димовски, Талат Џафери, Рафис Аљити и Антонијо Милошоски.

Прекинувањето на лустрацијата беше дел од листата на приоритети кои ги достави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, за разрешување на политичката криза. Лустрацијата започна по формирањето на Комисијата во март 2009 година и до сега за кодоши беа прогласени околу 300 македонски државјани, меѓу кои околу една третина веќе починати.

Би можело да ве интересира

Несими: Мојата лустрација имаше политичка позадина

Ана Ололовска

Поништувањето на лустрацијата влезе во собраниска процедура и ги раскара пратениците

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Џафери: Не го видов законот, но немам проблем со укинување на лустрацијата

Габриела Димковиќ-Мишевска

(ВИДЕО) Кирацовски: Нема да ме изненадат илјадници амандмани за лустрацијата

Габриела Димковиќ-Мишевска

Калеска-Ванчева: Најавата за блокада на поништувањето на лустрацијата доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е променето

Ана Ололовска

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заглавија на укинување на лустрацијата

Габриела Димковиќ-Мишевска