Од локалното население кое живее во општините долж Шар Планина 83 отсто сака планината да биде прогласена за национален парк. Ова е резултат од спроведеното истражување за утврдување на свесноста на населението во однос на прашањата поврзани со идното прогласување на Шар Планина за национален парк што Македонско еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“ го спроведоа во август и септември 2015 година.
– Резултатите од ова истражување се навистина позитивни, конечно знаеме какво е мислењето на локалното население во однос на прогласувањето на Шар Планина за национален парк во руралните и урбаните средини во овој регион. Анализата на податоците покажа дека луѓето сметаат оти со идното заштитено подрачје не само што ќе се воведе поголема контрола врз ресурсите на планината, туку и дека тоа ќе донесе позитивни промени во однос на развојот на регионот изјави раководителката на проект во Македонско еколошко друштво Фросина Пандурска-Драмиќанин.
Истражувањето било спроведено во триесеттина населени места во општините Јегуновце, Теарце, Тетово, Гостивар, Боговиње и Врапчиште на репрезентативен примерок од 410 испитаници на возраст од 18-60 години.
Според членовите на платформата „Пријателите на Шара“ ова истражување потврди и еден од поголемите проблеми во однос на ресурсите на планината а тоа е илегалната сеча.
– Во повеќе од прашањата, луѓето одговараа со загриженост во однос на користењето на шумите на Шар Планина. Според истражувањето дури 63 отсто од испитаниците сметаат дека дрвата на Шара се користат прекумерно. А, ставот дека генерално природата на планината не е заштитена е изнесен од 79 отсто од испитаниците, изјави Александра Тимосиеска од Институтот за развој на заедницата од Тетово.
За организаторите ова е навистина позитивен резултат, бидејќи при разни претходни активности месното население пред се од неинформираност не ја подржуваше во голема мера оваа иницијатива.
– Првично мислење било дека ако тоа се прогласи луѓето ќе немаат право воопшто дури ни да пешачат таму. Ваквите платформи и низата активности што цело време се случуваат во регионот можеби влијаеле и сега луѓето мислат дека со тоа што ќе се прогласи ќе се заштити, а бенефит ќе имаат самите луѓе и нема да биде нешто што ќе биде наметнато од државата, туку самите ќе менаџираат во тој дел, рече Метин Муареми од Центарот за образование и развој од Теарце.
Скоро сите испитаници одговориле дека Шар Планина има потенцијал за развој на туризмот, како фаворити се наведени зимскиот туризам 83 проценти, планинскиот туризам 80 и рекративниот и спортски туризам кој е наведен од 71 процент од испитаниците. Иако ставот на населението е позитивен за Шар Планина да стане национален парк информираноста за процесот околу нејзиното прогласување е ниска. На прашањето – Дали сте слушнале дека Шар Планина е предложена за заштитено подрачје? негативно одговориле дури 61 отсто.
Ова истражување е активност на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо управување на ресурсите на Шар Планина“, спроведуван од Македонско еколошко друштво и финансиран од Германската федерална агенција за животна средина ДБУ. Целта на овој проект е активно вклучување на локалните чинители во иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк и лобирање на локално и национално ниво