Љупчо Коцевски единствен кандидат за државен јавен обвинител

Од:

Советот на јавни обвинители едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител.

Кандидатот Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше, поради нецелосно доставена документација.

На дневен ред на денешната 94. седница на Советот беше само една точка – давање мислење за пријавените кандидати на Огласот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Изјава на претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска.

Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, на почетокот информираше дека документите на Фатиме Фетаи се некомплетни и дека Советот не пристапува на гласање.

Советот прво расправаше за јавниот обвинител Љупчо Коцевски кој доаѓа од републичкото Јавно обвинителство, на чие чело се кандидира да биде извран, а кој доставил уредна документација.

Членот на Советот Иџет Мемети, рече дека во овој оглас има многу мал број кандидати, односно само двајца и посочи дека во сегашниот состав Советот пред една година го избрал Коцевски за јавен обвинител во ЈОРСМ.

– Не случајно како Совет го избравме за јавен обвинител. Мислам дека се работи за најсериозен кандидат, треба да добие позитивно мислење и посакувам да биде избран, од причина, што мислам дека може да се носи со функцијата и дека може да ги сплотува состојбите во Обвинителството и тоа да може да работи, изјави Мемети.

Членот на Советот Антонио Јолевски, за Коцевски, рече дека покрај стручниот дел, се цени и делот на менаџерски и организациони способности.

– Таму ни треба комплетна личност што ќе може да одговори и Љупчо Коцевски ги има поминато сите хиерархиски позиции и има добро познавање на состојбите. Мислам дека има коректен однос со сите вработени, што сметам дека е многу важно. Ќе го поддржам и мислам дека овој кандидат заслужува да биде избран, изјави Јолевски.

Влатко Георгиевски, рече дека Коцевски освен што ги извршува редовните обвинителски функции, раководител е и на одделение за мета податоци, што е исклучително тешка и одговорна работа и е претседател на дисциплинска комисија и сетоа тоа зборува дека поседува извонредни организаторски способности за да биде успешен.

– Од овие причини ќе го поддржам, изјави Георгиевски.

Претседтелката на Советот, Димитриеска рече дека се работи за личност со интегритетот, етичност и стручност за функцијата што ја извршува.

– Коцевски е јавен обвинител што гради добри односи со колегите и има добри организаторски сметам дека ги исполнува сите услови и успешно ќе ја извршува функцијата, рече Димитриеска

Советот, потоа кратко расправаше и за Лидија Раичевиќ, која е единствениот кандидат што доставил стратегија за работа на ЈОРСМ.

Антнио Јолевски, рече дека Раичевиќ е кандидат од ОЈО Скопје и дека без да се впушта во оцена на нејзината обвинителска работата, во секој случај во делот на организаторските капацитети, посочи дека не смета дека може успешно да одговори.

– Не знам дали може целосно да одговири од организациски капацитет. Наспроти тоа Коцевски има познавање на целокупната обвинителска мрежа. Освен во скопското Обвинителство не знам колку ја познаваат и таа ги познава работењето на другите обвинителства, рече Јолевски.

Иџет Мемети истакна дека додека за претходниот кандидат имал целосна увереност дека може да одговори, за Раичевиќ не е целосно уверен дека ќе може целосно да одговори, со оглед дека по затворање на огласот токму неа и „паднал” еден предмет во Кривичниот суд.

– Не сум целосно убеден дека има добри капацитети. Моето мислење ќе биде негативно, затоа што мислам дека нема да може да се постави и од аспект на организациски и од аспект на стручност, изјави Мемети.

На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени беа тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.

Советот на ЈО, согласно законските одредби дава позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.

Собранието го објави огласот на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.

На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25 декември, а Советот на ЈО на седница минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на дожноста до завршување на изборот.

Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.

Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.

Би можело да ве интересира

Башким Бесими избран за член на Советот на јавните обвинители

Љупчо Коцевски избран за нов државен обвинител

Сарамандова и Пеливанов стануваат виши обвинители: Советот ги одбра од 16 пријавени кандидати

Александар Тодески

Изборот на нов државен обвинител и нов уставен судија на собраниска седница

Катерина Ѓуровски

Пратениците в среда ќе расправаат за избор на нов државен обвинител и нов уставен судија

Советот на ЈО едногласно го отфрли барањето на Фатиме Фетаи за преиспитување на одлуката за отфрлање на нејзината кандидатура за државен јавен обвинител