Двете жалби на одбраната на Љубе Бошкоски против предлогот на обвинителството да сведочи заштитен сведок се одбиени.
Адвокатот Владимир Ракочевиќ сеуште не го примил образложението зашто кривичниот совет сепак одлучил да се скрие идентитетот на еден сведок под шифрата FF 15, врз чиј исказ всушност ќе се состои обвинението за Љубе Бошкоски.
Овој сведок ќе биде сослушан следната недела во текот на истражната постапка, а веќе се најавува дека само на тој начин можат да го обвинат Бошкоски кој досега од никого не е посочен дека имал некаква врска со убиството на Марјан Тушевски.
Адвокатите велат дека вака се создава една лоша пракса која нема врска со правниот систем. Да се носи сведок кој никој не го знае и кој е веројатно подготвен однапред што да говори, секој во државава може да биде осуден за било кое убиство или друго дело, велат од одбраната на Бошкоски.
Идентитетот на сведокот ќе го знаат само истражниот судија и обвинителството, одбраната на Бошкоски нема да ја има таа можност.
Од партијата на Љубе Бошкоски, но и тој самиот уште пред изборите најавија дека се подготвува монтиран случај за убиството на Марјан Тушевски, со што лидерот на Обединети за Македонија ќе тревба да добие висока казна затвор.