Либерално демократската младина, ЛИДЕМ, преку соопштение на сите млади во Македонија им го честита Меѓународниот ден на младите.
„Воспоставен во 2000-тата година од страна на Обединетите нации (ОН), Меѓународниот ден на младите претставува начин за привлекување на вниманието на владите кон прашањата и проблемите со кои се соочуваат младите луѓе низ целиот свет.
Во Македонија, по сумирањето на резултатите на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата на младите се наоѓа на крајно незавидно ниво. Лошата моментална состојба на образованието, контроверзиите кои го следеа спорниот Закон за млади, високиот степен на младинска иселеност, стапката на младинска невработеност и неперспективноста се вбројуваат меѓу најголемите проблеми на македонските млади.
ВМРО-ДПМНЕ на новата влада во наследство ги остава веќе светски познатите мизерни услови во македонските студентски домови, немотивираноста, несериозниот пристап кон проблемите, но и европски најнискиот просек на писменост на македонските ученици.
Оттука, ЛИДЕМ, заедно со Либерално-демократската партија (ЛДП), како дел од новата влада активно и неуморно ќе работи и ќе се залага за подобрување на моменталната ситуација во која се наоѓа младиот човек во Македонија, затоа што после 11 години, младите заслужуваат подобро“ се вели во соопштението на ЛИДЕМ.