„Контрадикторна и лицемерна е акцијата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, чии членови еднократно се обидоа да покажат дека се грижат за безбедноста во сообраќајот и се впрегнаа во чистење на сообраќајните знаци.
Лицемерието е очигледно, дотолку повеќе што скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, пред некој ден побара жртвите во сообраќајните несреќи да не се користат за собирање политички поени, а токму сега, младите од неговата партија со овој чин промовираат ефтин политички маркетинг.
Жалиме што наспроти статистиката дека за само осум месеци во главниот град загинале 27 лица, од кои 15 пешаци, младите на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ги исчистат валканиците на своите неодговорни лидери.
Во исто време, сметаме дека оваа власт, која е најодговорна за хаосот во сообраќајот и тоа не само во главниот град, туку низ целата држава, наместо да гради патишта и да работи на подобрување на сообраќајната инфраструктура, ВМРО-ДПМНЕ се занимаваше со градење на милионски споменици, панорамски тркала и садење на жални врби. Од таму сметаме дека нивната глума е болно аматерска, бидејќи имаа десет години пред себе да спроведат стратегија која ќе значи безбеден сообраќај за сите нас, пешаците, велосипедистите и возачите.
Грижата за сообраќајните знаци е минорна во споредба со сообраќајниот хаос и катастрофалните последици со стотиците жртви на годишно ниво по македонските улици од несоодветните сообраќајните решенија на оваа власт.
Оттука ние, ЛИДЕМ, како совесен и одговорен младински политички подмладок, порачуваме дека ќе се залагаме за спроведување на нова сообраќајна стратегија во државата по примерот на ЕУ, која предвидува до 2020 година драстично намалување на бројот на жртвите учесници во сообраќајот“, се вели во соопштението на ЛИДЕМ.