Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се обрати на Конференција за лицата со посебни потреби „Очи за еднаквост” на која беа презентирани истражувањата и анализите за потребите за промени за лицата со посебни потреби во областите на социјална заштита, образование, здравствена заштита, вработување и квалитет на живот.
Во своето обраќање Царовска потенцираше дека е потребна функционална проценка на можностите на овие лица, а не само на нивната попреченост, како и трансформација на големите институции во помали, како што се мали групни домови, згрижувачки семејства и слично, односно институции најблиски до примерот на семејство.
„Доколку едно лице држите на социјална заштита со години го правите се поисклучено од општеството и од пазарот на труд. Затоа треба да се направат напори образовниот систем и заштитниот систем да бидат во насока на вработување и инклузија на лицата таму каде тоа е можно”, рече министерката Царовска обраќајки се на конференцијата.
Немањето мерки во таа насока ги прави овие лица се попасивни и наместо да се водат дебати за тоа колку активни мерки наменети за нив има, какви кфалификации имаат лицата, се се сведува на дискусија за зголемување на додатокот.
„Јас сум за поголеми додатоци, но и за поголеми можности да се вкчучат во пазарот на труд и општеството за да почуствува лицето дека само заработува и да има повеќе самодоверба”, рече Царовска.
Конференцијата посветена на лицата со попреченост беше во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права и на неа свое обраќање имаа и претседателката Уранија Пировска, како и британскиот амабасадор во Македонија, Чарлс Герет, а учествуваа и претставници од надлежни министерства.
Конференцијата е дел од проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од Британската амбасада во Македонија.
Попладне министерката Царовска ќе учествува и на Маршот на толеранцијa „Гледај со срцето, прифати ја различноста“ поддржан од 25 граѓански организации, кој ќе започне од Музејот на Град Скопје, ќе продолжи по улица Македонија, а ќе заврши со обраќања на дел од учесниците во паркот „Жена борец” спроти Собранието на РМ.