„Изборите одржани на 15-ти Јули Левица ги смета за досеган невиден скандал во нашата изборна историја. Вообичаените тактики како што се изборните опструкции, притисоци, предизборни вработувања, делење ваучери и милионски суми фрлени на поткупи сега беа надградени со хакерскиот напад на интернет-страната на ДИК“, соопштуваат од Левица.
„После повеќе од еден месец, од ОЈО сѐ уште нема информации до каде е предистражната постапка, што воопшто не изненадува од корумпираната спрега на власта каде Јавното обвинителство единствено служи за политички прогони за неистомисленици на новиот режим отсликан во заевизмот. Новата Влада составена од амнестирани криминалци, хушкачи на меѓуетнички судири и осомничени во случаи на фамозното СЈО, за врвен државен приоритет го постави рушењето на лажно непознатиот инвеститор кај Мавровка, наместо флагрантното рушење на изборниот процес и загрозување на безбедноста по личните податоци на граѓаните во Избирачкиот список.
Дури и Агенцијата за заштита на личните податоци при вонредна супервизија утврди повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци од страна на Државната изборна комисија, што јасно имплицира дека кај нас институционалните механизми за заштита на критичната дигитална инфраструктура се системски поткопани – со што изборниот процес и парламентарната демократија се претворени во обична фарса и заткулисен инжинеринг“, се наведува во соопштението на Левица.
„Притоа, изјавите на Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, дека падот на интернет-страната немало влијание врз изборниот резултат се ноторни лаги, со оглед на скандалозното однесување во целиот процес на оваа висока државна институција, која немаше одговор ниту на прашањето за каква заштита за системот користи. Дополнително, сомневањата дека се работи за координиран напад на службите со цел манипулирање на изборните резултат ги подгрева однесувањето на МВР, кое наместо да постапи по службена должност, чекаше пријава од ДИК која пристигна дури наредниот ден.
Бараме ОЈО и МВР јавно да соопштат до каде е постапката за очигледниот инжинеринг на денот на изборите, кога за прв пат откако во 2006 година ДИК беше дигитализирана, граѓаните не можеа да го следат броењето на гласовите и резултатите, што дополнително го поткопува легитимитет на новата власт чие конституирање беше проследено со низа скандалозни прекршувања на законите и Деловникот“, соопштува Левица.