„Левица“ нема да ги донира државните пари, ама ако ги донирала, немалo да каже

Од:

Левица преку допис се обрати до редакцијата на „А1он“, по објавениот напис дека лидерот на партијата Димитар Апасиев не кажува дали Левица ќе ги задржи или донира парите што ќе ги земе со изгласаните измени на Законот за финансирање на партиите.

Дописот следува неколку часа по поставеното прашање од редакцијата. Првично, Апасиев не ни даде одговор со упатство да се „обратиме во Прес Центарот на Левица, во отсекот за провладини медиуми“, потоа на неговиот Фејсбук профил реагираше со погрдни зборови кон новинарите од редакцијата, за што во меѓувреме следуваше и реакција од ЗНМ, а преку допис партијата реагира за насловот на првичниот текст и „непрофесионално формулираните прашања“.

Во дописот, од партијата реагираат зошто Апасиев бил баран приватно, кога постоел службен телефон, електронска адреса и Фејсбук страница, а велат и дека нема да ги донираат буџетските средства, па дури и да се одлучат на таков чекор, за тоа нема да се фалат.

Дописот од „Левица“ го пренесуваме во целост:

Прво, насловот на вашиот напис покрај тоа што е тенденциозно извлечен, тој уште е и малициозен и многу манипулативен кон вашите читатели. Во оваа насока, би ценеле доколку овој одговор го објавите во целост како став на Левица во однос на вашите крајно непрофесионално формулирани прашања во врска со сериозна тема каква што е финансирањето на политичките партии во склоп на политичкиот систем на државата.

Пред се’, би ценеле доколку имате разбирање за тоа дека Апасиев, покрај тоа што е лидер на партијата тој е и дел од Президиумот на Левица, и согласно статутот на партјата, тој не одлучува сам за тоа што ќе се прави со парите на партијата. Понатаму, Апасиев не може да биде целосно преокупиран во однос на сите прашања кои се однесуваат на целата партија. Односно, наместо приватно да го барате Апасиев, може да се обратите на контакт лицето одговорно за комуникации и односи со јавност, чиј контакт стои во секој наш допис до вас, нашата службена е-пошта, или ФБ пејџ, каде во секое време може да побарате став.
Што се однесува до вашето „прашање“ веднаш да ви одговориме дека секако нема да ги донираме средствата кои се’ уште не сме ги ни добиле, а пак доколку се одлучиме на такво нешто, за тоа нема да се фалиме јавно. Вашата професија има голем удел во формирање на пол.култура на граѓаните, оттука би било добро, доколку ги оставите настрана несериозните и саркастични дофрлања на доскорешни наши членови, а сегашни соработници на власта. Следствено, би сакале да подвлечеме дека државното финансирање на политичките партии има клучна улога во одржување на каков таков политички плурализам. Иако сегашниот модел, на малите политичките партии им носи најмал процент од финансиите, сепак тоа има и далеку поголемо влијание врз нивната можност да учествуваат и да се борат во политичкиот систем, односно да ги претставуваат интересите на нивните гласачи. И токму државното финансирање има многу поголема важност за опстојувањето на оние партии кои намерно избегнуваат финансирање од крупен капитал и приватни донатори заради обезбедување политичка независност. Она што е проблем, покрај транспарентноста во трошењето на тие пари, е можноста партиите да се финансираат преку приватни донации, односно донации на финансиски моќници и бизнис лобиа, што понатаму се одразува на нивната политика, односно влијанија/притисоци на донаторите во носењето на политичките одлуки (рамен данок, кратење на работнички права, заштита од испекции, предност при добивање на тендери, доделување на разни дозволи за градба за донатори од градежен сектор и.т.н). Токму владеачката партија СДСМ, на чело со бизнисменот Заев е еклатантен пример за последново.

И за крај, ве молиме имајте во предвид дека Левица како партија која води класна политика не постои за залажување на работничката класа со донации и поклони, повеќе од доволно ќе биде доколку работничката класа го добие она што и’ следува – екстра профитот кој бизнисот го прави преку искористување на нејзиниот труд. Токму и поради тоа постои Левица, да стреми кон осојување на власта, и институциите на државата од опресори да ги преиначи во заштитници на работниците.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Левица: Рудник на смртта над Иловица и Штука нема да има ️

Левица: ​​​​​​На граничниот премин Ќафасан – јарболот празен и државното знаме фрлено на земја

Предраг Петровиќ

Левица ги потврди носителите на листите за пратеници

Левица изрази сочувство до жртвите на терористичкиот напад во Москва и нивните семејства

Левица: До каде е исплатата на ветената финансиска поддршка за учениците?

Левица: Костовски од Бутел потрошил, речиси, 27.000 евра за четири дена снег