Левица: На советниците од Левица не им се овозможува законски гарантираниот пристап до е-урбанизам – ревносно се кријат постапки за бетонизации

Од:

Во повеќе општини во државата, советниците на Левица систематски се оневозможуваат да имаат пристап до системот е-урбанизам – клучната платформа преку која се водат постапките за изработка, изменување и носење на урбанистички планови. Ова е свесна и организирана практика со јасна политичка и материјална позадина – да се елиминира контролата и да се сокрие урбанистичкото планирање од оние кои имаат законски мандат да го надгледуваат и одлучуваат, велат од Левица.

Со ваквото постапување, општинските раководства директно ја узурпираат улогата на Советот и ја суспендираат неговата надзорна функција. Урбанизмот како висококоруптивна и најпрофитабилната сфера на локалната власт, се турка во нетранспарентни канали, далеку од очите на советниците, а уште повеќе од очите на граѓаните. Кога на избрани претставници им се ускратува увид во плановите, тоа значи дека се крие каде, што и во чиј интерес ќе се бетонизира, што ќе се пренамени, и кои јавни површини ќе станат приватни парцели.

Ова претставува класичен пример на институционализирана тајност во служба на инвеститорскиот урбанизам. Наместо отворен процес, јавни расправи и аргументирано планирање, се креира паралелен систем во кој одлуките се носат зад затворени врати, а Советот се сведува на гласачка машина без информации. Тоа е директен удар врз демократскиот поредок на локално ниво и грубо кршење на принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста.

Дополнително, ваквото оневозможување на пристап е директно кршење на законските одредби. Пристапот до е-урбанизам за органите на донесувачот и учесниците во постапката не е привилегија, туку законски утврдено право и обврска, токму за да се обезбеди контрола, транспарентност и целосна информираност при носењето на одлуки што трајно го менуваат просторот. Со блокирање на тој пристап, се оневозможува вршењето на советничката функција, се суспендира демократската процедура и се газат начелата на урбанистичкото планирање.

Во таа насока, Левица го повикува Министерството за локална самоуправа и министерот Златко Перински конечно да престанат да бидат неми набљудувачи и институционален декор. Ова министерство, кое по дефиниција треба да биде гарант на законитоста и функционирањето на локалната самоуправа, во пракса е целосно невидливо кога се газат правата на советниците и кога се дерогира демократската контрола. Бараме итна реакција, вонреден инспекциски надзор и санкционирање на сите општински раководства што свесно ја блокираат транспарентноста. Секое понатамошно молчење од страна на министерот Перински ќе значи отворено соучесништво во прикривање на урбанистички криминал, во заштита на градежни интереси и во разорување на законскиот поредок на локално ниво. Министерството или ќе почне да ја врши својата функција, или јасно ќе покаже дека служи како параван за бетонизацијата, а не како чувар на јавниот интерес, тврдат од партијата.

Би можело да ве интересира

Левица го засилува фронтот во изборна единица 1 – против бетонизација, загадување, узурпација на јавен простор

А1он

Левица: Официјалните извештаи потврдија дека Треска е мртва река, а институциите молчат – бараме кривична одговорност

Левица: И по четири човечки жртви, власта повторно го отвора коритото на Пчиња за бизнис 

Левица: Бугарите влегуваат во Устав – Фон Дер Лајен го „деблокира процесот“, а Мицкоски кима со главата

Левица: МВР на Тошковски се обиде да ги евидентира заканите на градоначалник кон советничка како поплака

А1он

Левица поднесува интерпелација за министерката за енергетика Сања Божиновска

Катерина Ѓуровски