Најмалку двапати водата во Гостивар била прогласена за безбедна, иако, според податоците што произлегоа од истрагата, во системот веќе влегувала загадена вода. Од Левица прашуваат зошто, повеќе од еден месец по случајот, никој од здравствениот синџир не понел одговорност.
Како што посочуваат од партијата, на 29 јуни Центарот за јавно здравје Тетово издал стручно мислење со кое било утврдено дека водата „одговара на законските и стручните прописи“. Документот бил потпишан од Берун Мустафа.
Од Левица тврдат дека во тој период, според подоцнежните наоди од истрагата, спорните пумпи веќе биле поставени и загадената вода веќе влегувала во водоснабдителниот систем.
На 13 јули, додаваат од партијата, следувало уште едно уверување дека водата е безбедна. Само еден ден подоцна започнал масовниот прилив на пациенти со дијареја, повраќање, температура и истоштеност.
„До денес никој од здравствениот синџир, што требало да биде последната брана пред катастрофата, не понесе и нема најава дека ќе понесе соодветна одговорност“, велат од Левица.
Партијата бара да се утврди кој ја земал мострата, од која точка и во кој момент, како била транспортирана, кои параметри биле испитувани и кој ги верификувал резултатите врз основа на кои било утврдено дека водата е безбедна.
Од Левица посочуваат дека Институтот за јавно здравје не може да се дистанцира од одговорноста со образложение дека извештаите биле издадени од ЦЈЗ Тетово. Според нив, центрите за јавно здравје се дел од Мрежата за јавно здравје, а нивната стручна работа ја координира Институтот за јавно здравје.
„Кога од ЦЈЗ Тетово двапати излегуваат извештаи што на гостиварци им даваат уверување дека водата е безбедна, а потоа се открива катастрофална контаминација и масовно заболување, тоа е пробив низ целиот систем на стручна контрола“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се поставува прашање и до министерот за здравство Азир Алиу, со оглед на неговите надлежности во однос на раководството на Центарот за јавно здравје Тетово.
Од Левица прашуваат зошто по објавувањето на двата спорни извештаи од 29 јуни и 13 јули не било иницирано утврдување одговорност и разрешување на раководството на институцијата што ги издала.
Партијата ја критикува и пасивноста на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и постапувањето на Обвинителството.
„Повеќе од три недели подоцна, јавноста сè уште нема одговор што направило Обвинителството со најмалку двата спорни извештаи што ја прогласиле водата за безбедна, со нивните потписници, раководството на установите под чија капа се издадени и со целиот контролен синџир што бил должен да ја препознае и запре опасноста“, велат од Левица.
Од партијата бараат утврдување лична одговорност за сите што учествувале во изготвувањето и одобрувањето на извештаите, како и во надзорот, и итно постапување кон раководните лица во институциите за кои ќе се утврди дека потфрлиле.
„Систем што не утврдува одговорност по ваква незамислива катастрофа – само ја подготвува следната“, порачаа од Левица.
