Летна школа по природно право: Имплементацијата на законите предуслов за успешни реформи

Од:

Доброто управување во јавниот сектор во целина, како една од клучните претпоставки за остварување на начелото на владеење на правото и значаен сегмент во поширокиот комплекс реформи во правосудниот систем е темата на Летната школа по природно право што во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науки и уметности се одржува во Охрид.

На еднонеделниот научен собир што се одржува со поддршка на амбасадите на САД и на Шпанија во Скопје, 20 студенти постдипломци на правни науки, како и пет докторанти на правни и политички студии ќе имаат можност да слушнат излагања на еминентни домашни и странски професори и експерти по основната тема, а потоа и преку интерактивен пристап да дискутираат, поставуваат прашања, но и да понудат свои видувања по прашања што се дел од нивните постдипломски и докторски трудови.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити рече дека Охридската школа за природно право е извонредно квалитетна научна манифестација чија важност ја уредува самата тема на дискусија и научна опсервација, а тоа се прашања поврзани со приоритетните реформи во правниот систем како тема со исклучителна релевантност за Република Македонија, што од своја страна има клучно значење и за економскиот раст и развој.

– Практично станува збор за подобрување на квалитетот на институциите. Методологијата за мерење на нивниот квалитет подразбира повеќе критериуми, меѓу кои доброто управување и владеење на правото, со целиот комплекс поврзан околу регулацијата, регулаторните институции, проблемите врзани со корупција итн. Областа е особено значајна оттаму што токму односната проблематика, како владеење на правото, доброто управување, борбата против корупцијата, слободата на избори е клучна тема во процесот на преговори за пристапување на РМ кон евроатлантските интеграции, рече Фити потсетувајќи дека кризата во земјата е пред се институционална, предизвикана од преголема партизираност на сите институции, особено во судскиот систем.

Притоа претседателот на МАНУ истакна дека проблемите нема да можат да се решат наеднаш, оти излегување на системот од кризата ќе биде процес што ќе трае подолг временски период, со забелешка дека патот кон остварување на неопходните реформи мора да оди преку исполнување на приоритетите посочени од Експертската комисија предводена од Рајнхард Прибе.

– Точно се знае кои закони треба да се сменат и тоа според европскиот терк. Законите не се проблем, тие ќе се напишат, ќе се донесат во Собрание, но останува проблемот на нивната примена. Имплементацијата е проблем, нивната примена е болка на Република Македонија што се провлекува од почетокот на процесот на транзиција до денес. Но ако се направат добро законите, со соодветен мониторинг од ЕУ, постапно ќе се отвараат поглавјата во евроинтеграцискиот процес, рече претседателот на МАНУ.

Зборувајќи за реформите во правосудниот систем, министерката за правда Рената Дескоска смета дека има простор за оптимизам. Притоа потсети дека веќе се формирани работни групи за определени закони кои работаа во делот на усогласување на законската регулатива.

– Оптимист сум дека ќе успееме да ги подготвиме во рамки на Министерството за правда, а се надевам дека потоа ќе добиеме консензус од сите партии оттаму што за добар дел од законите е потребно двотретинско мнозинство. Што се однесува во делот на обврските кои стојат пред самото судство како независна власт, но и пред обвинителството, тие од ресорното Министерство ќе ја добијат целата логистичка поддршка за се што е потребно за исполнување на своите обврски и критериуми така што сметам дека има простор за оптимизам, рече таа.

Академик Владо Камбовски, говорејќи за реформскиот процес со оценка дека работите се движат во задоволителна насока, со забелешка дека останува да се решава клучниот проблем, а тоа е реформата на партизираните институции.

– Остварени се во голем дел се определбите содржани во стратегијата за судските реформи, почнува реформата на јавната администрација, меѓутоа и покрај измената на законите останува клучното прашање – создавање услови за ефикасно функционирање на институциите и доследно применување на законите, рече меѓу другото академик Камбовски.

Би можело да ве интересира

Македонија на 63 место според „Индексот на владеење на правото“

А1он

Македонија на 64-то место во светот според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда

А1он

Бернс: Донираната опрема е чекор кон зајакнување на владеењето на правото

Ана Ололовска

Стапи во сила Законот за бесплатна правна помош

Ана Ололовска

Прибе: Независни политичари услов за владеење на правото

Ана Ололовска

Шкариќ: Злоупотреби на правото има многу, а за нив малку се зборува

Ана Ололовска