Под мотото „Мојата единствена шанса за летување сте вие“ во кампот Солферино во Струга се одржува летен камп „Медо штедо“ за децата од СОС Детското село.
Летниот капм е во организација на Шпаркасе банка, Медиа принт Македонија и Црвениот крст на Град Скопје.
Директорот на „Шпаркасе Македонија“ Глигор Бишев информира дека кампот се одржува втора година. Годинава, според него, има 92 дечиња, за кои секојдневно се организираат едукативни работилници и обуки.
– Идејата е и дечињата, кои се без родители да добијат шанса и начин да се интегрираат во општеството да поминат летен распуст и на современ начин да се вклучат во разни активности, рече Бишев.
Летувањето, како што истакна националниот директор на СОС Детско село – Македонија Јулијана Гапо, е можност за децата да се дружат меѓусебно, да учествуваат во креативни работилници и да развиваат нови вештини.
– Тука ги користат благодетите на природата, водата во Охридското Езеро и навистина се презадоволни. Се надеваме дека ова партнерство ќе продолжи и понатаму, со што ќе имаме можности и на други деца да им овозможиме вакво летување, изјави Гапо.
Задоволство од реализацијата на проектот, истакна и секретарот на Црвениот крст на Македонија Саит Саити.
– Ова е одлична можност што ја правиме во соработка со компаниите во Република Mакедонија. Преку своите програми и грижата за дечињата, Црвениот крст ја исполнува својата мисија и визија. Се надевам дека ваквиот начин ќе биде поттик и за другите копмании, подвлече Саити.