Лекарска комора: За пациентите со прележан Ковид-19 неопходна е физикална рехабилитација

Од:

Значителен број од пациентите по прележан Ковид19 имаат потреба од физикална рехабилитација поради намалена физичка кондиција, отежнато дишење, продолжена болка, депресија, вознемиреност и намален квалитет на живот, истакна асс. д-р Билјана Калчовска од Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во неделната онлајн дискусија која ја организираше Лекарската комора на тема „Рехабилитација на пациенти по прележан Ковид19“. Настанот и оваа недела го модерираше претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова која истакна дека пост-ковид компликации се јавуваат на различни системи на човечкиот организам и дека тие бараат понатамошен стручен третман и лекување.

Асс. д-р Калчовска објасни дека рехабилитацискиот третман на пациентите со Ковид19 е организиран во неколку фази. Во акутната фаза третманот се одвива во одделенијата за интензивна и пост-интензивна нега во ковид болниците. Тука со помош на физикалната терапија се оптимизира дишењето, се ослободува од прекумерниот секрет и се спречуваат и лекуваат компликациите. Во пост-акутната фаза која се одвива во болниците и одделите за рехабилитација се идентификуваат и менаџираат зафатените органи и се олеснува патот кон овозможување на нормално функционирање и извршување на секојдневните активности. Фазата на продолжено лекување се спроведува во домашни услови, каде физикалната рехабилитација помага за намалување на онеспособеноста, оптимизирање на функционирањето и подобрување на независноста и квалитетот на животот.

Планот за рехабилитација треба да биде индивидуализиран за секој пациент и треба да се спроведува во текот на целото лекување, започнувајќи од приемот на пациентот во болница, во текот на хоспитализацијата на ковид одделенијата, па се до неговото отпуштање од болница и насочување на пост-ковид рехабилитација. Планот за рехабилитација треба да биде прилагоден на состојбата и тежината на клиничката слика на пациентот, а посебно внимание треба да се обрне на постарите пациенти, пациентите со зголемена телесна тежина и оние со придружни коморбидитети. Интензитетот на вежбите треба да биде во согласност со нивната физичка сила и не треба да доведе до дополнително оптоварување на дишењето, зголемување на можноста за појава на респираторен дистрес, ниту пак да доведе до пад на сатурацијата на кислород во крвта.

„Матичните лекари и специјалистите од различни специјалности треба секогаш да имаат предвид дека најголем дел од пациентите после прележана Ковид19 инфекција имаат потреба за рехабилитација. Специјалистите физијатри мораат и треба да преземат активности во насока за спроведување на пост-ковид рехабилитација во местата каде што работат. Најголем број од овие пациенти имаат компликации во текот на рехабилитацијата и мора да бидат под надзор од страна на лекар специјалист физијатар“, истакна асс. д-р Билјана Калчовска.

Со третманот се постигнува активирање на мускулатурата и зајакнување на дишните мускули, зголемување на подвижноста на градниот кош, подобрување на проодноста на дишните патишта и продлабочување на дишењето, стимулирање на циркулацијата на крвта, урамнотежување на работата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем, како и спречување на хипотрофија на мускулите и слабеење на целиот организам.

Во презентацијата асс. д-р Калчовска даде и фотографски приказ на вежбите кои може да ги прават пациентите, а во одговорите на прашањата потенцираше дека специфично е тоа што сите болни имаат различна клиничка слика, поради што и пристапот и третманот мора да биде индивидуален. Досега на клиниката се лекувале околу 150 пост-ковид пациенти, при што најголем дел од нив при прием биле кислородно зависни, додека при испис најголем дел дишеле самостојно и оспособени за враќање на нормалните секојдневни активности. Меѓу овие пациенти нема на детска возраст, бидејќи кај нив обично Ковид19 не прави поголеми компликации, но и во тој случај се препорачува недела до две да се избегнуваат поинтензивни физички активности.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Лекарска комора: Говорот на омраза кон лекарите е на штета и на пациентите

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември