„Eдна третина од пациентите со Ковид 19 имаат нарушена црнодробна функција, а оние кои имаат цироза на црниот дроб за 32 отсто имаат поголеми шанси за смртен исход од вирусот“, истакна д-р Бети Тодоровска од Клиниката за гастроентерохепатологија на редовните онлајн едукации кои секој недела ги организира Лекарската комора на РСМ со цел да се оствари подобра комуникација и размена на искуства и сознанија меѓу лекарите од сите нивоа на здравствениот систем за унапредување на третманот на пациентите со Ковид-19.
Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова која беше модератор на настанот истакна дека имајќи во предвид дека Ковид-19 е системско заболување, тоa може да предизвика оштетувања и на црниот дроб и на гастроинтестиналниот систем, за што во почетокот на пандемијата постоеја помалку информации и податоци, но сега веќе лекарите овие манифестации полесно ги препознаваат и успешно ги лекуваат.
Оштетување на црниот дроб кај заболен од Ковид-19 може да настане поради директно токсично дејство на самиот вирус или преку имунолошки механизам познат како цитокинската бура. Црниот дроб страда и кога не добива доволно кислород (хипооксија) во случаите на нарушена работата на срцето и на белите дробови, но тој може да се оштети и од лековите кои се даваат во третманот на Ковид-19, како што се антипиретиците и антивирусните лекови. Вирусот кај пациентите со хронична болест на црниот дроб може да предизвика нејзина значителна прогресија и влошување, соопшштуваат од Лекарската комора.
„Ковид-19 најчесто предизвикува хепатоцелуларно оштетување на црниот дроб, при што се зголемуваат трансаминазите (AST, ALT), а поретко се работи за холангиоцелуларна оштета, при што се покачуваат холестатските ензими (GGT, ALP), но за среќа, ретки се случаите каде овие оштетувања доведуваат до акутна црнодробна слабост“, истакна д-р Тодоровска.
Научните истражувања покажуваат дека пациентите кои имаат неалкохолно замастен црн дроб и кои се заразени со Ковид-19 имаат стабилен тек на болеста во 80 отсто од случаите, но оние кои имаат и покачен крвен притисок, дебелина или дијабетес мелитус тип 2 развиваат потешка клиничка слика на Ковид-19. Оваа категорија на пациенти се повеќе склони и кон појава на оштетување на црниот дроб предизвикано од лекови.
Пациентите со црнодробна цироза имаат за 32 отсто зголемен ризик од смртен исход од Ковид-19, се наведува во соопштението на Лекарската комора.
„Пациентите со цироза на црниот дроб кои се Ковид-19 позитивни задолжително треба да се хоспитализираат, потребно е активно мониторирање на влијанието на антивирусната терапија врз црнодробната функција, како и активен третман на компликациите поврзани со цирозата“, објаснува д-р Тодоровска.
Важно за исходот на лекувањето е пациентите со веќе дијагностицирана црнодробна болест строго да се придржуваат кон вообичаените правила за заштита од Ковид-19 и редовна да ја примаат препишаната терапија. Д-р Тодоровска препорачува дека лекарите треба задолжително да ги следат црнодробните тестови кај сите заболени пациенти од Ковид-19, со особен осврт кон пациентите со претходно дефинирана црнодробна болест, додека пак оние со цироза на црниот дроб веднаш да бидат испратени на болничко лекување поради ризикот од лош исход.
Се уште нема јасни препораки околу вакцинацијата на пациентите со хронично заболување на црниот дроб, но со оглед на ризикот од летален исход кај пациентите со црнодробна цироза сепак мора да мислиме на заштита на оваа вулнерабилна група на пациенти.
„Со оглед дека вакцините на Моderna, Pfizer/BioNTech и AstraZeneca не содржат ниту жив, ниту ослабен вирус, се чини малку веројатно дека имунизацијата претставува закана по безбедноста за пациентите со црнодробна цироза. Од друга страна, кај пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба или пак примаат имуносупресивна терапија, како што се оние со автоимуна болест на црниот дроб и со трансплантиран црн дроб, генерално не се препорачува да примаат вакцина заснована на т.н. mRNA технологија“, порачува д-р Тодоровска.