Жерновски реагира на заклучоците од Конференцијата во Берлин, според кои се покажува дека Македоноја ја губи перспективата.
„Интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО е национален консензус од осамостојувањето до денес и оттаму, имајќи ги предвид актуелните настани во Европската Унија и претстојниот самит на НАТО, со нетрпение ја очекував првата Конференција за земјите од Западен Балкан, која по иницијатива на германскиот канцелар г-ѓата Меркел, се одржа во Берлин пред два дена, како исклучително сериозен меѓународен настан од витално значење за иднината на нашата земја, на нашите деца, внуци, за идните генерации.
Конференција во Берлин, во рамки на стратешките политики на ЕУ и во контекст на гео-стратегијата на меѓународната политичка сцена, за Република Македонија има посебно важна политичка тежина со која ги исцртува патоказите и ги утврдува меѓниците и граничниците на нашите перспективи.
Оттаму, заклучоците од Декларацијата за нас треба да бидат интегрален дел од националните стратешки документи и програми.
Со Декларацијата, земјите – учеснички се согласни овој процес да го потврдат преку поддршка и практикување на плурална и партиципативна демократија, владеење на правото и правната сигурност, слобода на медиумите, независност на синдикатите,вклучување на граѓанското општество, независни институции, независно судство, нулта толеранција за корупцијата и организираниот криминал, економија ослободена од политички влијанија, надминување на моменталните дефицити на државните сметки, регионална соработка во рамки на Енергетската заедница за југоисточна Европа, воспоставување на транспортна заедница за Западен Балкан, намалување на невработеноста кај младите и користење на европските ИПА фондови во развојни, одржливи проекти.
Поради сето ова, искрено очекував минимум политичка етика и елементарна доблест од првиот човек на Владата, кој доби мандат, должност и историска обврска да не’ застапува на Конференцијата во Берлин и покрај сите дневно-политички случувања во нашата земја, што неспорно потврдуваат дека под плаштот на демократијата, живееме жесток тоталитарен режим на автократско-диктаторски концепт.
За жал, бруталната бескрупулозност на креаторите на новата македонска виртуелна реалност вчера ги помина границите на рационалното.
Доживеавме, премиерот на Република Македонија да ни пласира виртуелна вистина за тоа што се случи во Берлин, а што можевме изворно и да го прочитаме, и да го видиме и да го чуеме. Вчера г-динот Груевски, коментирајќи ја првата Конференција за земјите од Западен Балкан, ни порача дека Брисел и Берлин имале јасна намера да ни помогнат и дека единствен проблем во евро-интеграциските процеси на нашата земја, бил спорот со името?! Во се друго сме биле најдобри?!
Моите информации за тоа што навистина се случувало во четвртокот во Берлин, г-дине Груевски, зборуваат за нешто сосема друго. Во контекст на заклучоците во Декларацијата, од Вас е побаран дециден став за потврдување на сериозноста за полноправно членство на Република Македонија во ЕУ и тоа поради континуираниот бивалентен однос што Вие и Владата го покажувате кон Унијата, поради континуираните политики и законски решенија што се во спротивност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, г-дине Груевски, при што се побарало безусловно да се откажете од воспоставувањето слободни финансиски зони и тоа со Устав, и да ги направите расположливи сите документи од матните и јавно недостапни договори особено во енергетиката, каков што е договорот за приклучување кон проектот „Јужен Тек“. Моите информации говорат дека, доколку и овој пат не ги исполните барањата од Брисел, а сега и од Берлин, на јунскиот ЕУ самит во 2015 година, не само што ни е загрозен кандидатскиот статус, туку Ви е најавено отворање постапка за раскинување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација што ја потпишавме со Европската Унија.
Поради Вашите убедувања г-дине Груевски, и пласирање на виртуелна реалност преку колективна хипноза, веќе сериозно се плашам дека ќе ја загубиме целосната перспектива на нашата земја! Такво право нема никој од нас, без разлика каков и колкав мандат добил на избори, зошто државниот континуитет е остварување на правото на нашите предци и правото на нашите идни генерации и поколенија, не на нашите лични, ефемерни желби, верувања и убедувања!
Во што верувате Вие, г-дине Груевски, сами си знаете, но овој пат, невозможно е да ја прикриете вистината, зошто, за наша среќа, таа туку што почна да се отвора пред нас“, вели Жерновски.