Јавно обраќање на Либерално-демократската партија до Претседателот на Република Македонија и иницијатор на формирање на Експертската комисија за настаните во Собранието на РМ од 24 декември 2012.
Почитуван Председателе Иванов,
На 27 јануари 2013 година, кога го анализиравте заклучокот на Европскиот совет, се обративте со писмо до Претседателот на Собранието, до Претседателот на Владата и до Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз и притоа истакнавте дека: “настаните кои претходеа и кулуминираа на 24 декември 2012 година во и пред Собранието на РМ представуваат предизвик на евро-атланскиот пат, на кој, како држава мора да дадеме одговор. Имајќи ги предвид државните и интересите на нашите граѓани, одлучив да иницирам формирање на објективна и непартиска Експертска комисија која ќе има мандат да ги утврди фактите за споменатите настани ”
Ад-хок комисијата која ја инициравте Вие, ја заврши својата работа и го потпиша Извештајот во кој се констатира дека на 24 декември 2012 во Собранието на РМ се случила груба повреда на Уставот на Р.М. со интервенцијата на полицијата во Законодавниот дом. Впрочем тоа многу добро Ви го објасни Вашиот близок колега и Професор Д-р Светомир Шкариќ, кој ја подржа и Вашата кандидатура за оваа функција. Да Ве потсетиме, Проф.Шкариќ истакна дека насилствата во Собранието на РМ врз пратениците и новинарите се преседан во уставната историја на Европа. При тоа професорот истакна дека сите одлуки изгласани во Собранието на РМ по 24 декември 2012 биле незаконски, вклучувајќи го и Буџетот на РМ за 2013 година.
Странските набљудувачи во Скопје, како и целата меѓународна заедница ја сфатија тежината на овој настан како најгруба форма на загрозување на демократијата. Единствено ВМРО-ДПМНЕ настојуваше на невешт начин, да го трампа Извештајот за нови предвремени избори и тоа вон препораките на ОБСЕ за прочистувањето на изборниот список и останатите детали.
Во сите овие настани, Вие како Претседател на државата до денес останавте нем набљудувач на настаните, без да кажете барем еден збор за успешно завршената работа на Ад-хок комисијата, која ја инициравте токму Вие. Напротив, изразивте жалење за изгубеното време и начинот на кој бил постигнат договорот за Извештајот. При тоа го поздравивте “државничкото однесување, покажаната зрелост и отстапки” на владеачката партија, за да на крај повикате на национален консенсус, престанок на политиките на ултиматум и уцени и тесно-партиски интереси. Ниту збор не изустивте за тешките повреди на Уставот од страна на Извршната власт, за исфрлувањето на новинарите и пратениците, за она што Ве учел Вашиот професор по Уставно право. Неприродно е првиот човек на државата да настојува со општа фразеологија да го третира овој настан, а во однос на усвојувањето на Извештајот да искажува жалење за изгубеното време и начинот на кој бил усвоен.
Либерално-демократската партија се надева дека ќе го искажете Вашето автономно мислење кое не мора секогаш да биде одобрено од ВМРО-ДПМНЕ, иако фактите за насилствата врз демократијата, Уставот, пратениците и новинарите се повеќе од евидентни.
Произнесете се јасно Претседателе за овие мошне значајни повреди на демократијата. Вперете го прстот кон оние што ја држат македонската демократија и народ во заложништво.
Вперете го прстот кон оние што го замолчаа слободното новинарство, што судската власт ја претворија во зависен сервис на Извршната власт и на владеачката партија. Вперете го прстот кон оние кои овозможија да завладее корупцијата, бедата и рекордна невработеност. Не се потребни Вашите комплименти кон виновниците за настаните од 24 декември 2012 бидејки и јавното мислење во Македонија и меѓународната заедница го очекуваат тоа од Вас и од Вашата функција.
Граѓаните со право прашуваат: Има ли Република Македонија претседател?