Семејството на Мите Влајков, осумнаесет годишното момче кој минатиот месец почина среде фудбалски натпреварво Кавадарци во салата „Партизан“, е во шок од веста дека лажната лекарка од Брзата помош во Кавадарци, за која пред три дена беше откриено дека немала диплома, интервенирала врз нивот син. Родителите на починатото момче тврдат дека токму таа на нивното дете му ставила инјекција директно во срце, објавуваат неколку портали.
– Не велам дека докторката не се трудела или не сакала да му помогне на мојот син. Верувам дека и таа сакала да го спаси и се обидувала да го стори тоа. Но како би можела да му помогне кога не била вистинска докторка, туку со лажна диплома. Видовме дека беше целата во хаос. Сега ни е јасно дека само така трчала оти не знаела што да прави. А си мислевме дека трча како за свое дете од хуманост. Сега дури ни е јасно што навистина се случувало. Иако и тогаш кај некои од нас се јави сомнеж дека докторката всушност не е докторка и дека нема завршено ниту за медицинска сестра – огорчено раскажува Дамјан Влајков, татко на починатиот Митко.
Семејството Влајкови бара обдукциски наод, иако по смртта не дозволиле да биде направена обдукција, бидејќи се сомневаат дека младото момче не било реанимирано како што треба.
– Од каде да знаеме која инјекција му ја дала додека Митко лежеше на подот во салата. Можеби постапила како што треба, а може и не – смета Дамјан.
Во Здравствениот дом во Кавадарци „лекарката“ работела околу шест месеци. Таа има 26 години и е од угледно кавадаречко семејство.