Лабораторијата за испитување на излозациски материјали на МЕПСО стана првата сертифицирана лабораторија во државата за испитување на 10 својства на изолациски материјали што се користат во трансформатори и прекинувачи.
Од компанијата денеска соопштија дека лабораторијата добила акредитација согласно меѓународниот стандард MKC EN ISO/IEC 17025:2006 и оти сертификатот е издаден овој месец од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија.
Лабораторијата е сертифицирана за испитување на следните својства кај изолационите материјали: густина, талог, диелектрична цврстина, коефициент на диелектрични загуби, специфичен електричен отпор, содржина на вода, точка на палење, кинематска вискозност, земање примероци за изолациски масла и испитување на квалитет на СФ6 гас.
Лабораторијата е дел од подружницата Оператор на преносната мрежа (ОПМ), во составот на МЕПСО. Основана е 2000 година за периодични испитувања на квалитетот на изолациските масла (трансформаторско масло и масло за прекинувачи). Во 2011 година опремена е и со инструмент за онлајн испитување на квалитетот на SF6 гас што се користи како изолациски медиум во прекинувачите. Годинава набавен е и гасен хроматограф за следење на состојбата на гасовите во енергетските и мерните трансформатори.