Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ јавно бара итна, темелна и независна истрага за сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање кучиња во град Скопје – појава која директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Во општина Карпош, во изминатите денови, се појави нова глутница кучиња кои не се познати на локалното население и не се дел од постојната улична популација. Станува збор за нестерилизирани и необележани животни, што укажува дека не се работи за природен прираст, туку за организирана и насилна дислокација.
Од „Анима Мунди“ тврдат дека ЈП „Лајка“ не испуштило ваква бројка кучиња на ниту една локација во Скопје, што дополнително го засилува сомнежот за нелегално внесување и напуштање на животни.
„Граѓаните со години ги познаваат кучињата во своите маала. Овие животни не се нивни“, наведуваат од здружението.
На терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што отвора сериозни сомнежи за прекуграничен нелегален транспорт и напуштање животни во Скопје.
„Анима Мунди“ бара итна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде се појавиле кучињата, како и на сите влезно-излезни правци кон главниот град. Од МВР и Јавното обвинителство се бара да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни.
Според здружението, масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост кон животните, но и сериозна закана за јавната безбедност.
Поради тоа, „Анима Мунди“ бара итни измени на законската рамка и веќе доставила конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Хрватска.
Истовремено, здружението упати и јавен повик до ЗЕЛС прашањето за уличните кучиња да се отвори и да се дискутира на ниво на сите градоначалници.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба што мора да биде санкционирана. Бараме истрага, одговорност и итни мерки за да се утврдат и казнат сторителите“, порачуваат од „Анима Мунди“.
