Крстевски: Хаотична е состојбата во Кочани, ни треба помош од Владата и другите општини

Од:

Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски денеска ја одржа првата средба со новинарите на која информираше за актуелната состојба во општината и за планираните активности во наредниот шестмесечен мандат од неговата функција.

Изразувајќи сочувство и почит кон настраданите и семејствата на повредените лица во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, тој информираше дека една од првите одлуки е од општинскиот буџет на Кочани да се уплатат три милиони денари на Фондот за солидарност на Црвен крст на РСМ.

– Состојбата во Општината е алармантна со делумно реализирани проекти, а таква е и во комуналното претпријатие „Водовод“, каде што сѐ уште не се знае дали е валидна оставката на директорот. Нема ниту технички директор, а долгот е 3 милиони евра, најмногу по основ на неплатена електрична енергија. Катастрофална е состојбата и со човечките ресурси во Територијалната противпожарна единица, каде што се потребни 32 пожарникари, а има 16. Со решавање на кадровската состојба во КЈП „Водовод“ ќе направиме тоа да биде функционално. Алармантна е состојбата и со дивоградбите со што е нарушена и безбедноста во градот. Најавувам сериозна борба и кривични пријави против незаконските градители, без толеранција и без отстапки кон никого, истакна в.д. градоначалникот Крстевски.

Во јавното обраќање преку медиумите упати апел до градоначалниците од другите општини и до Владата за помош и поддршка за Општина Кочани.

– Премиерот имаше ветување дека Кочани ќе добие сериозна финансиска поддршка и тоа треба да биде реализирано што е можно побрзо. Апелот до градоначалниците е да ни помогнат логистички во делот на инспекторатите, со оглед што нашите градежни инспектори се предмет на истрага и не сум сигурен колку тие можат да ја извршуваат работата. Општините Кавадарци и Струмица можат да ни помогнат во почетниот пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња, како и во искуствата со изградба на проектот за прифатилишта, додаде Крстевски.

В.д. градоначалникот на Кочани истакна дека меѓу семејствата на настраданите во трагедијата во „Пулс“ и во јавноста постои незадоволство од начинот на кој тече истражната постапка, со барање таа да биде неселективна и транспарентна. Притоа нагласи дека одговорност треба да понесат сите, а констатација е дека никој или многу малку од актуелните лица на функции не се опфатени сој истрагата.

Би можело да ве интересира

Повредените со хуманитарен кошаркарски натпревар во чест на загинатите во „Пулс“

Велосипедска тура во сеќавање на жртвите и за поддршка на повредените во „Пулс“

Златко Илијев: Работите се менуваат, се работи на превенција од пожари, зголемен бројот на млади пожарникари

Алиу: Една година по Кочани – Македонија не ја заборава пожртвуваноста на здравствените работници и подадената рака од пријателските земји

Мицкоски: Една година по трагедијата во Кочани, нашата обврска е да се сеќаваме и да покажеме дека општеството и институциите се способни да учат

Сведок од „Рубикон“ откри детали за обезбедувањето на „Пулс“