33-годишниот вевчанец кој без диплома работел како лекар во Здравствениот дом во селото доби кривична пријава за „фалсификување на исправа“, „измама“ и „надрилекарство“ информираат од Министерството за внатрешн работи.
– Пријавениот изготвил три лажни исправи, фалсификат уверение за положени испити при Факултет за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“- Штип, лиценца издадена од Лекарска Комора на РСМ и Уверение од Лекарска комора и ги употребил за вработување на работно место лекар во ЈЗУ Здравствен дом Вевчани се наведува во соопштението од МВР.
Тој лажните документи ги употребил двапати, пријавувајќи се на огласи за вработување. Како лекар во Здравствениот дом работел од 2018 до 2022 година, прво со договори за дело, а потоа и со договор за вработување.
Според МВР го оштетил буџетот на болницата и буџетот на РСМ заработувајќи за себе нешто над 57 илјади евра.