Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против актуелниот директор на ЈП “Комунално” од Струга, Г.К.(51) од Струга, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавениот се товари дека како директор на струшкото комунално претпријатие од 18 октомври до 18 ноември 2013 година не постапил согласно член 44 став 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, туку самоволно, спротивно и на чл.122 ст.4 од Закон за облигациони односи, противправно го раскинал договорот со приватниот партнер. Притоа му нанел претпоставена штета – испуштена корист во износ од 5.898.960 ден и покрај фактот што приватниот партнер изразил волја за соработка и надминување на еднострано наметнатите недоразбирања од јавниот партнер.
Во Законот за концесии и јавно приватно партнерство стои дека – “концедентот или јавниот партнер е должен во рок од 15 дена пред донесувањето на одлуката за раскин на договорот, писмено да го извести концесионерот или приватниот партнер за повредите од ставот 2 на овој член и да го повика да ги исправи пропустите во однесувањето за да се обезбеди почитување на договорот во рокот утврден со известувањето”, додека Законот за облигациони односи наложува дека „договорот нема да се раскине ако другата страна понуди и се согласи соодветните услови од договорот да се изменат справедливо“.
Директорот на ЈП “Комунално”од Струга, со злоупотреба на службената положба и овластување, ја искористил околноста за што е овластен да постапуваат во дадена ситуација, со цел да му нанесе претпоставена штета-испуштена корист на правниот субјект Албафох ДООЕЛ во вкупен износ од околу 6 милиони денари. Албафох ДООЕЛ е трговско друштво специјализирано за вршење работи од областа на давање комунални услуги за отстранување, преместување на непрописно запрени, паркирани, хаварисани и напуштени возила.
Од МВР соопштуваат дека согласно досега обезбедената документација, утврдено е дека во тек на 2012 година, по претходна одлука на Управниот одбор на ЈП “Комунално” Струга и согласност на Советот на Општина Струга, директорот бил овластен да почне постапка за јавно-приватно партнерство со правни и физички лица. Во август директорот донел одлука за формирање комисија за спроведување постапка за склучување јавно приватно партнерство за услуги со специјално возило-пајак на територијата на Општина Струга и во август 2012 година ЈП „Комунално” Струга објавило повик за избор на приватен партнер за вршењена тие јавни услуги, каде биле наведени условите за тендерот, односно за склучување договор. Во отворениот повик било предвидено дека приватниот партнер треба да набави специјално возило-пајак со кое ќе ја извршува работата за времетраење на договорот односно за период од 10 години, да врши јавна услуга подигање на непрописно паркирани возила, да ги носи на место кое јавниот партнер го одредил за тоа, а инвестицијата на јавниот партнер била да му обезбеди на приватниот партнер место за складирање на подигнати возила.
Во ноември 2012 година е донесена одлука за избор на најповолен понудувач и е склучен и договор во декември, со кој е определно дека висината на месечниот надомест кој приватниот партнер ќе му го плаќа на јавниот партнер ќе изнесува 25 проценти од реално извршената работа на месечно ниво. Со договорот, странките се согласиле дека приватниот партнер ќе почне со плаќање месечен надоместок по почнување со работа, во рок од 30 дена по доставена фактура од страна на јавниот партнер, а било предвидено дека составен дел од фактурата се дневните налози за извршената услуга, потпишани од овластено лице на приватниот партнер. Јавниот партнер зел обврска, покрај обезбедување јавно паркиралиште-депо на пајак службата да му обезбеди на приватниот партнер еден работник асистент на специјалното возило. Договорот, било предвидено да престане да важи со истекот на рокот на важење на договорот за јавно приватно партнерство, едностран раскин на договорот за јавно приватно партнерство од страна на јавниот партнер во случај на битни повреди на обврските, едностран раскин на договорот за јавно приватно партнерство од страна на приватниот партнер, спогодбено раскинување на договорот и стечај или ликвидација на приватниот партнер поради кои јавниот партнер можел еднострано да го раскине договор.
Во јануари 2013 година Советот на Општина Струга дал согласност за одобрување за склучување на договорот за јавно приватно партнерство на ЈП „Комунално” Струга.
По потпишувањето на договорот, приватниот партнер продолжил со извршувањето на обврските и истите непречено ги извршувал во период од 10 месеци. Во текот на октомври 2013 година од страна на јавниот партнер застапуван од пријавениот, без никаква најава или доставување на било каков допис, му било оневозможено на концесионерот да го користи паркинг просторот согласно договорот, при што концесионерот го пријавил случајот во ПС Струга. Во октомври, јавниот партнер до приватниот партнер доставил известување со кое го повикал да се корегира и дополни Договорот за јавно приватно партнерство по однос на три наведени точки во известувањето, кои што воопшто не биле поткрепени со правно издржана аргументација. На ова известување приватниот партнер доставил писмен одговор каде дал објаснување на трите наводно спорни точки, а воедно изразил и подготвеност на преговори и евентуално склучување анекс кон основниот договор.
Јавниот партнер, и покрај подготвеноста за соработка од страна на концесионерот, продолжил да не ги исполнува своите обврски, односно не дозволувал паркирање ниту пак испраќал асистент, со што приватниот партнер бил принуден повторно да пријави дека трпел штета и губел заработка која требало да ја оствари друштвото.Во ноември, осомничениот, спротивно на чл.122 од Закон за облигациски односи пристапил кон противправно, еднострано и самоволно раскинување на договорот за јавно приватно партнерство. Образложението за прекин на договорот, пријавениот го темелел дека при увид во тендерската документација било утврдено дека постапката е некомплетна и незаконски спроведена, а склучениот договор е штетен за ЈП “Комунално” Струга.
Во декември 2013 година економски вештак изготвил записник со наод и мислење, со кој е утврдена вкупната штета на име изгубена корист односно приходи кои приватниот партнер би ги остварил до крајниот рок на важноста на Договорот во висина од околу 6 милиони денари.Поднесена е и тужба до Основен суд Струга, која ја усвоил и го задолжил ЈП-„Комунално” да исплати штета, а жалбата на јавното претпријатие до Апелацискиот суд во Битола била одбиена како неоснована.