Љубомир Фрчкоски, Владимир Милчин, Ѓунер Исмаил, Бранко Героски, Никола Гелевски, Жарко Трајаноски и Роберто Беличанец поднесоа кривична пријава против пратениците од парламентарното мнозинство кои со усвојувањето на новиот Закон за лустрација всушност гласале за неуставни законски решенија и со тоа свесно одбиле да ја спроведат одлука на Уставниот суд.
Групата интелектуалци поднесоа пријава против пратениците за сторено кривично дело Неизвршување на одлука на Уставен суд на Република Македонија, предвидено и казниво согласно член 377 став 3 од КЗ на РМ.
На денешната прес-конференција, тие рекоа дека се одлучиле на ваков чин на јавен протест, во ситуација кога во Македонија преовладува „санаториумска“ атмосфера.
Професорот Фрчкоски објасни дека станува збор за кривично дело со кое се урива поделбата на власта и се засега демократијата, а не за обично дело, за коа пратениците уживаат имунитет.
„Слободата и имунитетот кои ги уживаат пратениците да дискутираат, изнесуваат мислење, да даваат формални предлози и да гласаат, не може да вклучи во себе свесни активности и постапки спротивни на одлуките на Уставниот суд“, рекоа поднесувачите на пријавата.