Основниот суд Скопје 1 Скопје реагираше за протестите на Иницијативниот одбор за ослободување на Томислав Кежаровски со писмено соопштение во кое се наведува дека постапувале „независно и непристрасно во согласност со Законот за кривична постапка без било какви политички и други надворешни влијанија“.
Сепак судот во острата реакција наведува дека било пракса секогаш да се протестира „кога„ се изразува незадоволството од очекуваниот тек на постапката“, што имплицира дека пресудата е позната уште сега.
– Најостро реагираме на вака воспоставената медиумска пракса за вршење притисок врз судот од страна на поединци и групи кои на овој начин злоупотребувајќи го медиумскиот простор преку таканаречени форми на слобода на изразување го изразуваат незадоволството од очекуваниот тек на постапката, па со оваа цел, преку различни „иницијативни одбори“ и други интересни групи, со организирање на протести пред судот ставајќи се над законот и уставот на Република Македонија која има долгогодишна демократија и преку своите институции, а особено преку судската власт ги гарантира човековите права и слободи.
Со ваквото постапување од поединци и групи се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните. Во конкретниот случај се протестира против законито определена мерка од страна на суд, во постапка во која се обвинети повеќе лица, а новинарот е само еден од обвинетите, каде меѓу останатите обвинети лица има и носители на јавни функции-судии, обвинител, адвокати и други лица за тешки кривични дела.
Со ваквите постојани притисоци од страна на таканаречениот иницијативен одбор кој континуирано се вршат во изминатиот период преку најразлични форми, обвинетиот новинар се става во привилегирана позиција во однос на останатите обвинети за кои исто така е определена мерка притвор, при што на овој начин се злоупотребува позицијата што истиот извршувал дејност новинар за да се прикаже во јавноста дека во Република Македонија се ускратуваат правата на слобода на изразување.
Напоменуваме дека за сите обвинети вклучувајќи го и обвинетиот Кежаровски од страна на Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе е поднесено обвинение за тешки кривични дела за кои се запретени високи казни затвор, поради што Кривичниот совет на овој суд во оваа фаза на постапката врз основа на моменталните факти и околности утврди дека единствено мерката притвор ќе го обезбеди присуството на истите на главниот претрес, што секако не значи дека доколку во понатамошниот тек на постапката се промент околностите односно престанат законски основи за опстојување на мерката истата може да биде заменета со поблага, при што таквите факти и околности судот и по службена должност ќе ги цени за сите обвинети подеднакво, а не само за некои од нив, се вели во соопштението од Кривичниот суд.