Девет талентирани ученици од Крива Паланка се добитници на годинашните стипендии кои ги доделува локалната самоуправа на општина Крива Паланка.
Комисијата за спроведување постапки за доделување стипендии одлучи пет средношколци и четири студенти од општината кои учат и студираат во училиштата и факултетите во Република Македонија да ги добијат стипендиите за учебната/студиската 2015/2016.
Стипендијата е во висина од 3.000 денари месечно, а право на стипендија остварија кандидатите кои ги исполниле пропишаните критериуми, во досегашното школување да имаат континуиран одличен успех, студентите кои постигнале просечен успех над 8,50 и имаат освоено награди за поединечно прбво, второ или трето место на меѓународни, државни или општински натпревари од областа на науката, техниката, културата, уметност и спортот, односно област соодветна на нивното образование.
Исто така, при рангирањето на кандидатите земани се предвид и месечните примања по член на семејство во однос на просечно исплатена месечна нето плата по вработен во Република Македонија.
Основен услов е кандидатите да се жители на општина Крива Паланка, да се државјани на Република Македонија и да се редовни ученици/студенти, како и да немаат повторувано година и да не се корисници на стипендија или кредит од други установи, институции или компании, а студентите да не се постари од 25 години.