Одѕивот до 13 часот е 23,81 отсто, гласале 432.026 гласачи, соопшти Адмир Шабани, портпарол на Државната изборна комисија. Податоците се стигнати од 3369 избирачки места од вкупно 3480.
Најголем е одѕивот во Изборната единица (ИЕ) 3 каде до 13 часот гласале 28,92 отсто од граѓаните, а најмал во ИЕ 6 каде што на гласање излегле 15,58 отсто од гласачите. Во ИЕ 1 одѕивот до 13 часот е 27,09, во ИЕ 2 одѕивот е 21,64 отсто, во ИЕ 4 на гласање излегле 27,45 отсто од гласачите и во ИЕ 5 до 13 часот гласале 23,11 отсто од запишаните гласачи.
Според третиот пресек што го направи ДИК за парламентарните избори најголем одѕив има во Крива Паланка 41,07 отсто од гласачите.
„Неколкуте општини во кои е забележан голем одѕив во ИЕ 1 се Аеродром со 30,15 отсто, Карпош со 31,25 отсто , а во ИЕ 2 се издвојува Македонски Брод со 35,04 отсто, Гази Баба со 22,88 отсто и Ѓорче Петров со 28, 54 отсто. Во ИЕ 3 висок одѕив има во Берово 32,49 отсто, во Крива Паланка 41,07 отсто, Пехчево со 33,02 отсто и Пробиштип каде што на гласање излегле 35,29 отсто од гласачите. Во ИЕ 4 голем одѕив има во Неготино 33,42 отсто, Прилеп 32,47 отсто. Во ИЕ 5 Битола се издвојува со 31,19 отсто, Вевчани со 39, 86 отсто и Крушево 37, 84 отсто. Во ИЕ 6 во Јегуновце одѕивот е 17,05 отсто, а во Тетово одѕивот е 19,11 отсто“, соопшти портпаролот Шабани.
Во ДИК досега официјално нема пристигнато приговор. Портпаролот Шабани рече дека службите во ДИК добиваат прашања поврзани со изборниот процес и на граѓаните им се даваат насоки и упатства.