Вчерашната ковид-статистика говори за стабилизирање на пандемијата. Вчера беше регистрирано само едно лице починато, 18 новозаразени од 2.411 тестирања и 31 оздравен. Во болниците останаа уште 121 хоспитализирани ковид-пациенти, од кои 48 лица во главниот град, и има околу 500 празни болнички кревети.
Во Скопје вчера имало вкупно три приеми. Два примени пациенти имало во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ и еден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во болницата во Битола се хоспитализирани седум ковид-пациенти, во Штип пет лица, во Тетово се лекуваат уште двајца пациенти болни од Ковид-19, во Велес се лекуваат 11, а во Куманово 15 пациенти, во Охрид се хоспитализирани седум пациенти, во Прилеп тројца, во Гостивар осум, а во Струга четири болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се девет пациенти, во Кичево двајца, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 823.776 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.487, бројката на оздравени пациенти е 149.582, на починати е 5.468, а бројот на активни случаи изнесува 437. Од активните случаи, најмногу се во Скопје – 208, потоа следи Куманово – 50, Прилеп – 32, Тетово-20, Кичево – 20. Во другите градови се под 20. Шест града се без активен случај и тоа: Кавадарци, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево и Дојран.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани против Ковид-19 се вкупно 252 537 граѓани. Завчера се вакцинирале 9631, а прва доза примиле 1391. Досега се аплицирани 420 821 доза вакцини, а се ревакцинирани 168 284 граѓани.
Досега преку веб-платформата vakcinacija.mk за вакцинација се пријавиле 446 195 граѓани.
Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години, 42 отсто повозрасни од 65 години и 35 отсто над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.
До крајот на следната недела, очекува да пристигнат 500.000 вакцини од „Синовак“.