Зарко Милошевски е најодговорен за давањето на македонско државјанство на рускиот олигарх Онишченко, тој е функционерот од АНБ кој со свој потпис ја одобрил позитивната проверка пратена до МВР, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Споре него, Милошевски наместо да биде суспендиран и да се спроведе независна истрага за целиот случај, тој е именуван за директорт на АНБ од страна на Ковачевски, а со тоа тој може и да влијае на истрагата.
„Зарко Милошевски не чекал многу, и по назначувањето почнува да влијае на истрагата. Предмет на истрага биле двајца вработени во АНБ, но не и Милошевски, како крајно потпишан, а со тоа и најодговорен. Зарко Милошевски ја расформирал дисциплинската комисија која веќе работела на случајот и формирал нова комисија. Новата Комисија е составена од блиски луѓе на Зарко Милошевски. Комисијата почнува истрага од ново, но врз стара основа. Да појасниме подетално, Комисијата која ја формира Зарко Милошевски почнува од ново, но ги зема во предвид исказите дадени пред старата комисија. Според нашите сознанија правниците во АНБ им укажале на членовите на Комисијата дека прават суштинска повреда, затоа што се работи за нова постапка и дека се треба да се повтори. На членовите на Комисијата им било укажано дека не можат да важат истите искази, и дека мора формално правно да се даде нов исказ со нови записници и докази, но тие биле замолчувани“, рече Ковачки.
Додаде дека Милошевски со формирањето на нова Комисија не ги штити двајцата вработени во АНБ против кои е покрената постапката, туку себе си, бидејќи тие хиерархиски се под него, а тој бил функционерот кој ја одобрил проверката.