Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски изјави дека попусто ќе биде менување на закон со кој ќе се продолжи рокот на траење на пасошите со Република Македонија затоа што тоа треба да биде усогласено со Грција и со ЕУ. Тој посочи дека Владата треба да обезбеди согласност од земјите членки на ЕУ од другата потписничка страна-Грција, па потоа за разговара за менување на закон.
Рокот на траењето на патни исправи за меѓународна употреба е согласно закон, кој е усогласен со законот за ратификација на договорот со Грција, рече Ковачевски додвајќи дека патните исправи не се потребни за во државата, туку за во странство.
-Меѓутоа јас до сега не слушнав изјава од ниту една институција во Европската унија од ниту една институција во Грција кои се подготвени да го анулираат договорот во делот на важењето на патните исправи. Она што можам да кажам дека сите ресурси во МВР и во другите институциите кои се задолжени за патните исправи треба да бидат насочени кон што побрзо завршување на овој процес. Гледам дека нова пратка е пристигната на обрасци за издавање на пасоши и дека нова треба да дојде и со зголемување на капацитетите фокусирање на таа задача од сите надлежни органи сметам дека тоа треба да го завршиме и прашање да се затвори во интерес на сите граѓани, истакна Димитар Ковачевски од посетата во тетовскиот регион.
На новинарско прашање дали тој додека бил премиер се обидел да направи такво нешто со Грција, Ковачевски рече дека имал средби, но дека Преспанскиот договор треба да се почитува. Според него сите активности треба да се прават во таа насока и смета дека опозицијата по тоа прашање ги менува ставовите по потреба.
-Секогаш изразувале став за непочитување на договорот од наша страна кога на официјални средби на официјални состаноци, претставници на Северна Македонија не го користат уставното име на државата и ги менуваат натписите на државата на меѓународни конференции. Таков пример имаше во Виена, имаше интервенирано во натписот. Ние како општество треба да одлучиме што правиме пред институциите, што правиме пред граѓаните и што правиме надвор од државата. Со популизам никаде не се стигнува, рече претседателот на СДСМ. .
Посочи дека во ВМРО ДПМНЕ, велат договорот со Грција е реалност иако кажуваа дека дента кога ќе дојдат ќе го сменат уставното име и ќе го вратат старото уставно име.
-Сега гледате дека „договорот бил реалност“ и дека тоа треба да се почитува. Така за сè друго прават. Меѓутоа проблемот е кога ќе излезат надвор од државата сакајќи да покажат колку се тие големи патриоти ќе видат некој натпис на кој е Северна Македонија и ќе го бришат со пенкало, рече Ковачевски.
Тој им порача дека СДСМ како партија се решиле за став по тоа прашање, а мора и ВМРО – ДПМНЕ истото да го направи и да покаже поголема храброст.
– Како што ние сме решиле да станеме земја – членка на НАТО и сме ја направиле Северна Македонија земја – членка на НАТО. Како што сме се решиле и ние и коалициските партнери Северна Македонија да стане земја – членка на ЕУ при тоа сме гласале за преговарачка рамка во Собранието и со тоа сме покажале храброст сме покажале визија, другата страна треба да покаже храброст. Ако си против договорот од Преспа, нека излезат нека кажат да, ние сме против договорот од Преспа. Ако се против преговарачката рамка, нека кажат ние сме против преговарачката рамка. Ама да не биде како со територијалната поделба. Правеа референдум, правеа хистерија во општеството, дојдоа на власт-ништо. Не ја сменија територијалната поделба. Значи ако си маж, биде маж до крај. А не на една страна добар ден, со грчката амбасадорка пред знаме на Северна Македонија, пред натпис Северна Македонија, а на друга страна Никогаш Северна. Не бива тоа, ако си против нешто кажи, ако си за нешто кажи дека си за нешто. Тоа ќе почитуваме сите. А не од сабајле е против, попладне е за, а навечер не знаеш дали е за или против, рече Ковачевски од Тетово каде ја посети фабриката КИЕЛ.
Ковачевски на крај побара одговор, кој е точниот став на опозицијата за уставното име на Република Северна Македонија.